На Точак ќе вози пред институциите надлежни за намалување на загадувањето

На 57-та Критична маса, организирана од иницијативата На Точак, ќе се вози пред институциите кои се надлежни за намалување на загадувањето, односно ќе се вози пред Собрание, Влада, Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во најавата се вели дека дискусиите околу тоа кој е поголем загадувач повеќе не помагаат, туку само преземање мерки на долг рок во сите области.

„Еве да замислиме дека целосно ќе го снема загадувањето од грееење (најголемите 32 %). Тоа ќе значи дека од 600 ќе се симнеме на 400 mcg/m3!
50 mcg/m3 е максимално дозволената граница! Тоа покажува дека мора да преземеме мерки на долг рок во баш сите области: затоплување, сообраќај, индустрија, градежни работи, хигиена на улици. Ниедна не може и не смее да биде заобиколена“, велат од На Точак.

Тие уште еднаш ги повторија своите предлози со кои би се намалило загадувањето, а во исто време би се намалиле гужвите во сообраќајот и би се подобрила безбедноста на учесниците.

„Ова е предизвик кој им го задаваме на кандидатите за градоначалници на скопските општини и Град Скопје на претстојните локални избори.
Основните прашања од почетокот на текстот се прилично апсолвирани (кои се најголеми загадувачи и дека се потребни мерки во сите области, вклучително и сообраќајот).
Време е да прејдеме на решенија. Кога зборуваме за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот, ова е темата која треба да ја дискутираме: како да ги направиме одржливите начини на превоз попривлечни? Кои урбанистички, инфраструктурни, законски, буџетски мерки треба да ги преземеме? “, прашуваат од На Точак.

Нивната цел, како што велат е загадувањето на воздухот да се намали на 10 микрограми на кубен метар од ПМ10.

Зборно место е Плоштад Македонија, од 17:30 часот.