На Точак: 78 отсто од пријавите во МВР поврзани со велосипедизам се однесуваат на сообраќајни незгоди

Во последните три години, вкупно 103 пријави кои се евидентирани во билтенот на Министерството за внатрешни работи се поврзани со велосипедизам. Од нив, 80 отсто се однесуваат за случаи во урбана средина, и тоа најбројни (31 отсто) се пријавите во Град Скопје. Високи 78 отсто од вкупниот број пријави се однесуваат за сообраќајна незгодина, во која во 88 отсто од случаите се работи за судир помеѓу автомобил и велодипед. Речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20 отсто со смрт.

Ова го покажува анализата што ја направи неформалната група На Точак.

Во периодот од март 2015 до февруари 2018 година, забележани се 103 пријави објавени во дневните билтени од МВР, со тоа што  за 2015 година нема податок за првите 4 месеци, а за 2018 година дека се опфатени само првите два месеци.
Во 2015 година (за 8 месеци) имало 9 пријави, во 2016 година биле 48, 2017 година биле 40, а во 2018 година (за два месеца) се 7.
Најмногу пријави во еден месец имало во август 2016 година и во месеците март и јуни 2017 година, кога имало по 8 пријави. Јуни, август, септември и декември се месеците во кои секоја година имало барем една пријава.

Пријавите се поделени во четири категории според типот: кражба на велосипед, сообраќајна незгода, напад на велосипедист (од човек или животно) и спасување на велосипедисти.

Најзастапена е категоријата сообраќајна незгода со 77,7 отсто од пријавите, а по неа е категоријата напад на велосипедист со 11,7 отсто. 

Во категоријата сообраќајни незгоди, во најголем дел – 87,5 отсто од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил. Останатите 12,5 отсто се поделени на сообраќајки во кои: велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судар на велосипед со мотор (2,5%) и судар меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%).

Во поглед на последиците од сообраќајните незгоди, повторно се категоризирани пријавите во пет категории. Речиси две третини (63,4%) од сообраќајните незгоди завршиле со тешки последици за велосипедистот. По нив, со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните незгоди, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните незгоди не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите.

Како последен наод од анализата на податоците, се истакнува локацијата во која се имаат случено незгодите, односно на Графикон 5 може да се види дека 80,58% од пријавите се случиле во урбана средина, односно во некој од градовите во Македонија. Една третина од пријавите се во Град Скопје (31,1%), а следни на листата се Тетово (9,71%) и Охрид (8,74%).

На Точак покрај што ги следи објавите во Дневниот билтен на МВР, ги следи и објавите во медиумите во делот на црна хроника, односно вестите поврзани со сообраќајни незгоди во кои е настрадан велосипедист. Од нивниот мониторинг забележуваат дека не секоја вест од медиумите е евидентирана и во билтените на МВР.

Исто така, за пријавите за кои стои дека по сообраќајната незгода, велосипедистот се наоѓа во животна опасност, нема информација што понатаму се случило. Не се знае дали овие случаи кога за жал ќе завршат трагично влегуваат во црната статистика на жртви од сообраќај или нивната смрт се води како смрт од други последици. Оттука, се доведува во прашање дали статистиката за жртви од сообраќај која и онака е лоша во реалност е уште полоша од она што стои во извештаите?

„Покрај тоа, МВР повремено објавува Статистика за сообраќај, документ во кој се дадени податоци за бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици и настрадани лица за секој град во Република Македонија. Покрај тоа, дадени се податоци за типот на патот каде се случила незгодата, времето во кое се случила незгодата (саат, ден месец), возраста за настраданите и причините за настанувањето на сообраќајните незгоди. Категориите за настраданите се возачи, патници, пешаци, терачи на стока, но нема категорија велосипедисти, и нема информација каде истите се бројат. Како најчеста причина за настанување на сообраќајните незгоди се истакнува брзото возење. Со оглед на тоа што во полето на безбедноста на сообраќајот сè поголем акцент се става на влијанието на околината врз однесувањето на учесниците во сообраќајот, сметаме дека тој податок треба да се додаде во полициските извештаи“, забежеуваат од иницијативата.

Оттаму предложуваат ваквите анализи да продолжат да се прават со помош на електронско мапирање на сообраќајни судири, како што е пракса во Њујорк.

„На ваков начин ќе се олесни и работата на МВР во регистрирање на случаите и работата на други стручни лица (сообраќајни инженери и урбани планери), ќе се лоцираат црни точки, ќе се подобруваат сообраќајните решенија онаму каде предизвикуваат небезбедност, ќе се крене свеста меѓу самите граѓани за безбедноста“, сметаат од На Точак.

Тие ги повикуваат граѓаните да пријавуваат и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР, а воедно и да се приклучат на утрешната Критична маса 71: „Кој ја мати безбедноста на велосипедистите?“.