На „Славјански“ студент полагал испити пред упис на факултет, на универзитетот во Струга нападнати инспектори

Министерството за внатрешни работи поднело кривични пријави против четири лица, меѓу кои и ректорот и генералниот директор на Меѓународниот Славјански институт „Гаврило Романович Дережавин“ во Свети Николе, поради сомненија дека на студент на високообразовната институција му била издадена невалидна диплома со која потоа се вработил во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Лицата се сомничат за сторени кривични дела како „употреба на исправа со невистинита содржина“, „злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“.

Како што соопштува МВР, лицето М.Б. на 25.09.2009 година потпишал договор за студирање на Меѓународниот Славјански Институт, а во текот на 2010 година заминал на привремена работа во Авганистан.

„Во временскиот период од 25.09.2009 година па се до 04.12.2012 година првопријавениот од задолжителни 33 предмети за предвидени 4 студиски години и 8 семестри вкупно нерегуларно положил 24 предмети од кои на 19 испити неприсуствувал бидејќи бил надвор од Р.Македонија, пет предмети ги положил пред да биде запишан во образовната институција (иако тие не биле предвидени во учебниот план и програма), еден предмет го положил два дена по запишување во образовната институција, а за останатите осум предмети присуствувал на полагање“, информираа од МВР.

Двајца од осомничените, според МВР, ја злоупотребиле својата службена положба со тоа што изготвиле и потпишале невистинити 24 пријави за испит дека студентот бил присутен на полагањата и ги положил испитите во редовна постапка, додека потоа ректорот му издал и потпишал невалидна диплома која М.Б. ја употребил како вистинска за да се вработи како приправник во УБК.

Во друг настан, пред два дена двајца инспектори вработени во Државниот просветен инспекторат пријавиле дека биле вербално нападнати од одговорно лице додека се обидувале да извршат вонреден надзор врз работата на Меѓународниот универзитет во Струга.

„При нивното влегување во просториите на универзитетот, биле пречекани од одговорното лице А.К. кој, откако му биле  покажани службените легитимации и задолжението за надзор, на инспекторите веднаш им се обратил на висок тон и со навредливи и заканувачки зборови. Истиот, го зел задолжението за вонреден надзор кое му било покажано и на Г.Р. (вработен во универзитетот) и го фрлил и побарал од државните просветни инспектори да го напуштат универзитетот. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“, стои во полицискиот билтен.

Како што пренесе „Макфакс“, инспекторите вршеле проверка по последните сознанија дека меѓународниот универзитет работи како „пералница за дипломи“, со тоа што повеќе од 900 студенти на универзитетот студираат без нострифицирани документи, додека професорите предаваат со невалидни дипломи, меѓу нив и актуелниот струшки градоначалник, Рамиз Мерко.