На младите им е смачено да бидат запоставувани – бараат поголема доверба во нивните идеи и ентузијазам

Младите и годинава за Денот на млади си посакуваат желби – за поквалитетно образование, подобар живот и воопшто да бидат слушнати од институциите. Нивната искреност, наивност, бунтовност, храброст и креативност треба да се канализираат, менторираат и искористат во насока на креирање на околина која овозможува сигурна средина за раст и развој на секој млад човек тука, сметаат дел од младинските организации со кои разговаравме. Но, тие и понатаму се чувствуваат запоставени, со долга борба пред себе за да бидат исполнети нивните основни потреби. 

Пред една година, по примерот на глобалното движење кое го започна шведската тинејџерка Грета Тунберг, во Северна Македонија се формираше и македонскиот огранок на „Петоци за иднината“ („Fridays for future“). Ова движење, предводено исклучиво од млади луѓе, за кратко време го истакна проблемот со климатските промени во земјата, но и на глобално ниво.

„Како оваа година младите придонесоа во политиката?! Доволно е да ги погледнете новогодишните и предизборните пораки на политичарите и ќе сфатите. Како никогаш до сега, речиси секој/а политичар/ка во своето обраќање ја спомна својата грижа за загадувањето и одржливоста, како аспекти на климатските промени. Да, точно е дека сѐ уште не гледаме некои видливи резултати, но, секогаш, првиот чекор е дијалогот, а македонските млади го направија тој прв огромен чекор во помалку од една година“, велат од „Петоци за иднината“.

Според нив, младите во голема мера се потценувани, иако постојано покажуваат дека ја имаат моќта на која, ако не ѝ се даде внимание и простор, тие самите ќе си го земат во свои раце и потребното внимание и нужниот простор.

Слично мислење имаат и од Културолошката иницијатива „5 до 12“ од Охрид, од каде велат дека младите ги збогатуваат институционалните политики, само ако тоа им биде овозможено. Сепак, тие сметаат дека и самите младински организации треба да го сменат својот начин на делување.

„Доколку не се смени начинот на кој младите и младинските организации, невладини, независни, тропаат и „питаат“ по одредени врати, тогаш проблемот во иднина ќе биде поголем, бидејќи и покрај бројни такви движења кај нас, некоректно е да се каже дека институциите се’ уште се слепи за претставеноста на младешката сила и нивната ангажираност која на глобално ниво менува работи на подобро“, велат од оваа иницијатива.

Тие веруваат дека на младите треба да им се даде доверба, шанса, или да се верува во нивната енергија, ентузијазмот и идеи, бидејќи како што велат, нивната претставеност е многу важна и има голем придонес за развој на едно здраво општество.

„Ако се реши овој проблем, кој е навидум мал и неважен, а толку есенцијален за да се дејствува понатаму, несомнено е дека уште попозитивни резултати ќе испливаат на површината“, забележуваат од Културолошката иницијатива „5 до 12“.

Од Сојузот на извидници на Македонија, пак, истакнуваат дека младите и нивните потреби треба да бидат претставувани исклучиво од млади лица.

„Оние кои ги креираат политиките за младински прашања, треба да бидат тие кои ги имплементираат истите. Нивната искреност, наивност, бунтовност, храброст и креативност треба да се канализираат, менторираат и искористат во насока на креирање на околина која овозможува сигурна средина за раст и развој на секој млад човек тука. Исто како што докторите ги претставува доктор, наставниците ги претставува наставник, спортистите ги претставува спортист, логично е и младите да ги претставуваат млади, на секое ниво на носење одлуки – локално, национално, глобано“, децидни се тие.

Според нив, младите директно ќе влијаат на промена на политиките тогаш кога нивните намери ќе бидат искрени и целат кон вистинскиот проблем или потреба, но и кога ќе бидат препознаени од чинителите.

Но, за жал, велат од Младинскиот образовен форум (МОФ), иако после толку долго време земјата конечно има Закон за млади, принудени се да ги потсетуваат институциите дека младите се уште не се ефективно интегрирани во процесите на правење политики.

„Она што мислиме дека треба да биде фокус периодов е наоѓање на начин за институциите не само да си исполнат една нова законска обврска, туку како вистински да станат соработници на младите“, велат од МОФ.

Кризата со Ковид-19, сметаат тие, ги врати младите на она што постојано ги мачи и што можеби се затскривало зад други проблеми.

„Па така, сега повеќе од било кога знаеме дека ни недостасува квалитетно образование кое може лесно да се прилагодува не само на општествени текови, туку и на предизвици со кои се соочуваме, видовме колку ни недостасува психолошка поддршка за младите, но и комуникација помеѓу младите и институциите, без разлика дали се тоа институции надлежни за здравство, образование, вработување…“, забележуваат од МОФ.

Проблем останува и еднаквиот третман на младите во општество. За ова реагираат од „Еквалис“, од каде бараат во иднина да се поттикнува простор за младинско учество во сите општествени и политички процеси и обезбедување на нивно политичко претставништво.

„Доколку општеството не ги овозможи овие два процеса, тогаш, младите, сами ќе се обидат да си го земат она што им следува. Ова, се’ повеќе го гледаме со младинските бунтови и протести глобално, а и кај нас, национално. Со својот креативен ентузијазам и непокорност, младите постојано го унапредуваат општеството и ја одржуваат енергијата на високо ниво. Развиената свесност за постојано учење, којашто е се’ поприсутна кај денешните млади, нуди цела палета вештини и знаења коишто мораат да се искористат при креирањето политики ако сакаме вистински развој и напредок“, велат од „Еквалис“.

За Денот на младите посакуваме…

„За почеток, нека го реализираат властите она што го имаат предвидено во своите програми, а директно ги таргетира младите. На младите им е смачено да бидат запоставувани, и нивните потреби да бидат занемерувани“, гласи одговорот на Сојузот на извидници на Македонија на прашањето што би сакале во иднина да биде приоритет.

Квалитетно образование и инклузивност е заедничко барање и желба за секое од младинските здруженија со кои разговаравме.

„Помеѓу приоритетите на новите власти мора да се најдат инклузивноста на сите млади, обезбедување  квалитетно образование, обновени училишни и студентски простори…За жал како и години нананзад ни стои сѐ уште проблемот со корупција во образование, а ќе мора многу да се работи на превенирање на одлив на младите и нивната невработеност. Младите мора да имаат поддршка во нивната општини и градови, да имаат безбедна животна средина и општество кое ќе ги прифати такви какви што се, овозможувајќи им да ги остваруваат своите идеи и планови“, бараат од МОФ.

Од „Петоци за иднината“, пак, очекуваат земјата конечно да премине од електрична енергија произведена на јаглен, кон електрична енергија произведена на обновливи и одржливи извори.

„За регион со толку многу сончеви денови, срамота е сѐ уште да го дискутираме ова прашање воопшто. Сончевите колектори се реално решение за нас“, сметаат од движењето.

„Менаџирањето со отпадот, исто така, мора да се реши во најкус можен рок. Во нашата држава постои само една депонија на којашто, формално барем, отпадот е регулиран, а тоа е Дрисла. Сите останати депонии, на коишто оди отпадот од сите општини надвор од Скопје се, практично, диви. Од депониите се шири високо количество метан, којшто гас е далеку поопасен од јаглеродниот диоксид дури. Исто толку важно е и властите да им дадат што повеќе простор на младите во одлучувачките процеси. Младите не се граѓани од втор ред, туку се индивидуи полни нови знаења, креативна енергија, и, најважно од сѐ, ентузијазам“, додаваат од „Петоци за иднината“.

Слична желба имаат и од „Еквалис“ од каде порачаа:

„Овозможување што повеќе простор за младинско учество на локално и на национално ниво, во одлучувачките процеси на општинските Совети, на Парламентот, како и при средби на кои се дискутираат и одлучуваат прашања кои имаат влијание врз сите граѓани“.

Денот на млади, 12 август, за првпат започна да се одбележува пред две децении, по иницијатива на Обединетите Нации. Идејата е преку меѓународни и национални документи да се загарантира активно вклучување на младите во политиките што директно влијаат на нивниот личен и општествен развој.

Емилија Петреска