На кралот Чарлс му е дијагностициран рак во рана фаза

На британскиот крал Чарлс му е дијагностициран облик на рак, информира Бакингемската палата, јавува „Би-Би-Си“.

Кралот вчера ја поминал ноќта во болница откако започнал амбулантски третман на лекување. Засега не е познат видот на рак.

Од Палатата соопштија дека кралот ќе продолжи да ги извршува редовните државни обврски, со тоа ќе продолжи неделно да има средби со премиерот, но ќе ги одложи сите јавни обврски во периодот додека трае лекувањето.

Премиерот на Велика Британија, Риши Сунак изјави дека е во постојан контакт со кралот и дека е благодарен што болеста е откриена во рана фаза, што носи надеж дека монархот брзо ќе закрепне.

Кралот лично им соопштил на членовите на семејството за болеста, по што принцот Хари во наредните денови ќе отпатува од Калифорнија да го посети.

Кралот Чарлс пред повеќе од една недела имал операција на простата во приватна болница во Лондон, при што токму за време на интервенцијата бил забележан и дијагностициран ракот. Засега е познато само дека не станува збор за рак на простата.

Според „Би-Би-Си“ кралот им се приклучи на илјадниците луѓе во Велика Британија кои на дневно ниво се дијагностицирани со рак. Медиумот пишува дека возраста е еден од факторите на ризик за повеќето видови рак. Кралот има 75 години, а нешто повеќе од третина од сите нови видови рак се дијагностицирани кај луѓе на 75 годишна возраст или постари.

Повеќето третмани за рак денес се дават амбулантски, што значи дека пациентот е во болница само додека ја прима терапијата – начинот на кој засега е познато дека и кралот Чарлс ќе ја прима својата терапија. Сепак тоа опфаќа голема разновидност на различни третмани. Сите третмани имаат и свои несакани ефекти и тоа зависи од видот на рак, но се’ уште не се знае каков вид на облик на рак има кралот.