Македонската „ПИН конференција“ наградена во Велика Британија за најдобар нов настан

Македонската ПИН музичката конференција се закити со награда во Англија, доделена од водечкиот европски фестивал на нова музика „Грејт Ескејп“ (The Great Escape).

Организаторот „Пасворд“ информира дека „ПИН конференцијата“ е актуелен победник во категоријата „Најдобар нов настан“ на Годишните награди за музички конвенции (YMCA) кои се доделуваа на славниот „Грејт Ескејп“ во Брајтон.

„ПИН е многу добро организиран настан со квалитетни артисти кој се одржува на одлична локација во навистина убав град. Силната регионална и интернационална компонента на ПИН е исто така главна придобивка“, изјави по овој повод Мартин Елбурн, креативниот директор и коосновач на „Грејт Ескејп“, а кој и самиот беше еден од делегатите на претходните изданије на конференцијата.

„Пасворд“ посочува дека новото издание на „ПИН“ со оваа титула станува славеничко издание, а ќе се одржува од 24 до 26 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје.

„ПИН е првата и сѐ уште единствена меѓународна музичка конференција во Македонија која започна да ја испишува својата приказна во 2012 година и која како редовен дел од програмата на фестивалот ТАКСИРАТ, прерасна во најзначајниот ваков настан на Балканот, а сега веќе и официјално препознаен од страна на водечките стејкхолдери во европската музичка индустрија. Концептот на овој настан подразбира исклучително богата тридневна програма која е поделена во дневна панел-програма (конференција) и вечерна музичка програма (шоукејс). Со овој програмски концепт, ПИН на едно место ги обединува сите засегнати страни, професионалци и вљубеници во музиката и музичката индустрија, експерти, уметници, изведувачи, новинари, културни дејци, промотори, менаџери, агенти…“, велат од „Пасворд“.

Програмата на ПИН 2022 ќе биде наскоро објавена, а во листата на учесници годинава се очекуваат повеќе од 30 музички изведувачи од цела Европа кои ќе одржат концерти во шоукејс програмата, како и повеќе од 200 делегати од музичката индустрија со кои, велат од „Пасворд“, во панелите ќе го споделат искуството и ќе го продлабочат знаењето за актуелни, иновативни и влијателни теми во музичката индустрија.

Присуството на концертите на ПИН е бесплатно и со слободен влез за сите посетители, а за панел-дискусиите во дневната програма потребно е само претходно најава/регистрација за присуство на овој линк.

Овогодинешното издание на „ПИН музичката конференција“ е организирано со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Во продолжение, потсетуваме на музичкиот дел од ланското издание на „ПИН музичката конференција“:

[Рецензија] „ПИН конференција“ музички го освежи МКЦ