„Пасворд“: Повеќе од 20.000 посетители досега на „Таксират“

Музичкиот фестивал „Таксират“ годинава собра повеќе од 20.000 посетители и тоа само во досегашната програма на актуелното издание во чии рамки допрва следуваат уште два големи настани и тоа: „Лузер Фест“ (денеска, 3 декември) во МКЦ и главната вечер на „Таксират“ на 7 декември.

„Во низата веќе одржани настани, последен и меѓу најпосетените досега беше ПИН – меѓународниот шоукејс фестивал и конференција, кој во склоп на „Таксират“ се одржуваше минатиот викенд во Скопје со повеќе од 6.000 луѓе од цела Европа и подалеку, кои во вкупно три дена и три ноќи, како никогаш досега го исполнија буквално целиот простор на Младинскиот Културен Центар. Од 24 до 26 ноември ПИН беше музичкиот епицентар во југоисточна Европа и збирно место на дејците од европската музчката индустрија. Запишувајќи се како еден од најзначајните вакви настани во регионот, ПИН годинава беше домаќин на над 350 делегати, експерти од музичката индустрија од 32 држави, најмногу од Европа но и од другите континенти, меѓу кои беа и повеќе од 60 говорници кои ја збогатија дневната панел-програма, додека пак концертите на скоро 45 изведувачи кои пристигнаа од 16 различни земји ги „оживеаја“ скопските ноќи“, соопштуваат од „Пасворд“.

Претходно пак, во рамки на „Таксират“, се одржаа и низа целосно распродадени концерти и тоа два на светскиот музички феномен „Дед Кен Денс“ во Филхармонија, потоа Ману Чао и „Хладно Пиво“ во МКЦ, но и концерт на виолинистот Андре Риу во Арената „Борис Трајковски“.

Фото: Димитар Апостолов