Над 10 бендови и артисти на главната вечер на Таксират #24

Ben Klock, IAMDDB, Sodom, La Pegatina, Buč Kesidi, Zad Agolot, DJ Flooder, Hiljson Mandela, Ba$ha, Young Dadi, Donplaya, Prince$$ Donatsu се артистите и бендовите што ќе настапуваат на  24-та маратонска едиција на фестивалот „Таксират“, кој ќе се одржува на 7 декември од 19 часот во скопската сала „Борис Трајковски“.

За Ben Klock, организаторите од „Пасворд“ посочуваат дека е апсолутно уникатен на светската диџејска сцена.

„Тој е несомнено еден од најзначајните ликови на модерната електронска музика, најголемиот симбол на берлинската техно сцена и еден од најпознатите резиденти на култниот клуб Berghain. Неговата посветеност на професијата е речиси фанатична, а неговата перфекција во миксовите е еднаква на техничката дисциплина на врвни пијанисти. Таквата работна етика единствено ја надминува неговата страст кон музиката на која, имено целосно ѝ се препушташе во славните маратонски сетови во Berghain“, се вели во најавата.

За Dianna De Brito подобро позната како IAMDDB, велат дека е водечката уметница на британската хип-хоп ренесанса, извор на самодоверба и талент која ја преточи својата генијалност во глобална популарност.

„Комбинирајќи безвременски џез и соул со модерен трап и р’н’б, созададе сопствен стил кој го нарече урбан џез и важи за најкреативните уметници на новата сцена од британскиот остров. Инспирирана од нејзиното португалско и анголско наследство таа создава свеж звук, враќајќи ја женската моќ на музичката сцена. IAMDDB е уметник без филтер кој во музиката ги пренесува своите вредности разговарајќи за суровата реалност, спиритуалноста и благосостојбата“, велат од „Пасворд“.

За Германскиот бенд „Sodom“ посочуваат дека е еден од клучните бендови на светската треш метал сцена. Неговите членови неприкосновено владеат со жестокиот метал звук, длабоко вкоренет во најдлабокиот андерграунд.

„’Sodom’ e суверен носител на титулата еден од најценетите треш метал бендови на стариот континент, додека со своите демо снимки, а посебно со своето прво ЕП издание ‘Under The Sign Of Evil’, според многу критичари овој бенд ги постави темелите и на блек метал музиката“, стои во најавата.

Во однос на „La Pegatina“, наведуваат дека можеби се една од најубавите емоционални експлозии на музичката сцена, со латински ритам кој флертува заедно со каталонската румба и ска музиката, правејќи вистински панк делириум.

„На главната вечер на Таксират тие ќе ни го претстават своето ново шоу ‘Hacia otra parte’ со обновена и поенергична постава од било кога досега. Ќе биде невозможно да престанете да се движите, уживајќи во нивните најпопуларни песни како ‘Maricarmen’ и ‘Lloverá y yo veré’, а и во нивните последни хитови ‘Y volar’ и ‘Down For Love’. Поливалентни и секогаш во потрага по оригиналност, тие имаат објавено осум албуми, еден документарен филм и видеоигра. Знаат како да ве разиграат и тоа го потврдуваат повеќе од 1200 настапи низ 35 држави, правејќи ги LA PEGATINA еден од најинтернационалните бендови во светот“, посочуваат организаторите.

„Buč Kesidi“ е инди-рок/електро/диско дуо од Панчево, составено од Лука Рачиќ на гитара и Зоран Зарубица на тапани, основано во 2014 година со идејата да ја „размрдаат“ и збогатат музичката сцена со оригинални и модерни рок изданија.

„Тие се моментално најпопуларното име на новата регионална сцена, со милиони на нивните YouTube видеа и секогаш рекордно распродадени концерти. Со нивниот последен албум ‘Euforija’, тие го имаат запечатено своето место како предводници на новата генерација на алтернативната сцена во Србија“, се вели во најавата.

„Зад Аголот“ е хип-хоп група од Скопје, едно име зад кое стојат групите: СВП, Длабока Трага, Контра Напад, Римиски Масив, Паки и Дј Оки Доки. Во овој колектив почнаа да творат во 2011, а во јуни 2012 година, го промовираа својот деби албум ‘ЧУВАЈ во Вистинко Волу. 1’ кој е избран за најдобар регионален хип-хоп албум истата година, според „Balkan Hip-Hop Radio“ (Хрватска).

„Од тогаш тие го запечатуваат своето место на регионалната хип-хоп сцена со многубројни награди, албуми, концертни тури и препознатливи проекти меѓу кои и хуманитарната акција „Зад Шпиунката“ и движењето Соулментал“, посочуваат од „Пасворд“.

Билетите за главната вечер на „Таксират“ изнесуваат 700 денари до 4 декември.

Инаку, претходно во сабота (3 декември) ќе се одржува „Лузер фест“ – вечер посветена на новата музика од македонската сцена, која се враќа во офф програмата на „Таксират“, како предвесник на главниот дел на фестивалот.

„3-те декември во Младински Културен Центар – Скопје, со почеток од 20 часот, еден од овие 8 демо артисти ќе ја добие титулата на најдобриот ЛУЗЕР: БЕСЕДА, HALFGOD, ЕНДЕМСКИ ВИД, RUSTSTAINED, ОЛОВНА РЕСТРИКЦИЈА, MENZEL, JEFF BAHAMI, ХАРАКИРИ“, објавија од „Таксират“ / „Пасворд“.