[Рецензија] „ПИН конференција“ музички го освежи МКЦ  

Скопско МКЦ изминативе денови вибрираше со луѓе, музички настапи, панели, работилници, вмрежување на разни артисти, продуценти, новинари и музички фанатици. Сите беа дел од овогодишната осма „ПИН музичка конференција“, која значеше увертира на фестивалот „Таксират“ што го организира „Пасворд“. Се работи за единствената меѓународна музичка конференција и „шоукејс“ фестивал во државата.

Концертите беа белег за мнозинството посетители. Вечерниот музички дел требаше да стартува во четвртокот, но настапите на Драган и Ратко Даутовски и на Антоние и ансамблот се одложија поради деновите на жалост. Потоа дојдоа петок и сабота. Дојдоа луѓе бесплатно да слушаат музика на различни стејџови, распоредени низ цело МКЦ – од киното „Фросина“, денсинг салата, ресторанот, па се до тоалетите.

Ова значеше повеќе настапи истовремено, распрскана енергија низ внатрешниот и надворешниот простор на МКЦ. Млади луѓе и постојани резиденти на Центарот движат по скалите горе-доле. Малку од овој бенд, малку од оној. Или слушни цел настап, па отиди на друг. Или отиди на изложба, или купи си маичка и носач на звук. Или, едноставно, застани крај скулптурата „Малиот принц“ на муабет со другарите. На здравје!

„ПИН“ ги хранеше сите со она што им треба – музика, културно анимирање и дружба, во параноично пандемиско време во кое на сите им е преку глава од стримови и сакаат нешто повеќе, надвор од дигиталната зона. Провод со сертификат.

Свирките во тоалетот беа посебно доживување. Се случија само две свирки, ама повторно се одржи традицијата на музичко окупирање на влезниот дел од тоалетите, каде првата вечер настапуваше полскиот состав „Синемон“, а втората – младите тетовчани „Кат јор нипл“. Овие нашите издаваат под капата на „Пасворд“ и веќе си имаат изградено своја фан база. Пријателите беа таму, да ги слушаат одозгора надоле, застанати на и околу скалите на тоалетот.

Оние што мораа да тркнат до вратата со натпис „Ж“ – мораа да поминат покрај гитаристот и тапанарот. Буквално да им улетаат на „стејџ“, насред настап. Симпатично. Од доле ечат фанкерско рокерски теми, а истовремено толпата извикува: „Ајде!“. Се случи и бис. Ова беше уникатен, тоалет-бис!

Во „Фросина“, пак, се одвиваше своевиден дводневен „Оффест“. Овде настапите се следеа во седечка варијанта. А, на агендата шаренила од фузии, „музика од светот“, различни сензибилитети и инструментариуми, како на пример номадската магија на „Перија“. Кате, Огнен, Деа и Леа се банда што раскажуваат различни приказни од заедницата, со музика што влегува во балканските традиции под силно влијание на Ориентот. Но, четиричлениот состав внесува и современ, стилизиран уличен израз, секогаш во сродство со духовното над материјалното.

Во киното низ двата денови имаше и настапи како оној на домашната уметница Зарина Првасевда, што е спој на македонската и светската традиција. Потоа, „Балкан Таксим“  – психоделична фузија на трип-хоп и источноевропски фолк звуци, исто така настапуваше и нашата Дина Јашари, а меѓу артистите се најде и „Групо Компај Сегундо“, кубанска група оформена по смртта на Компај Сегундо од негововиот син и останатите членови на минатиот состав.

Во програмата на „Фросина“ влезе и „Худаки Вилиџ Бенд“. Тоа се свадбени музичари и пејачи од село што тешко се изговара, сместено во укранските Карпати, блиску до Романија и Унгарија. Фестивалско-свадбарска дружина со капи со пердуви, човек на армоника, флејта, тапан, виолина…

Истовремено, МКЦ ресторанот беше претворен во „рест ау рант“ стејџ. Поинтимна блузерска атмосфера, затемнета, дел од публиката седеше, дел раштркана низ просторот. Тука свиреа состави од Бугарија, Естонија, Чешка, Македонија, Унгарија…

Денсинг салата можеби важеше за „главен стејџ“. Не поради имињата на бендовите, туку поради големината на просторот. „ПИН“ идејно сака да ги спои сите заедно, рамноправно, ама веројатно звукот на составите ја одредува сцената.

Првата вечер таму ја отворија Чесите „ММНК“ со коктел од прогресив рок и кинки рап. Потоа на сцената се качиja домашните „Луфтанза“, еден од најбрзорастечките состави што ја одбележаа 2021 година со низа изданија и настапи. Сега облечени во одела и вратоврски, дечките повторно „рокаа“ на сцена. Млад рок бенд, ама публиката веќе напамет им ги знае песните. „Модерна депресија“, „Ангел“, „Цигла“… Тие веќе се вртат во алтернативните кругови, но имаат важен удел и во обликувањето на новиот млад рокерол бран.

Во горната сала потоа свиреа „Џипси грув“. Оваа банда е спој на балканска ромска музика со елементи на реге, ска, грув. Жива атмосфера и постојана интеракција со публиката. Пропратно и пораки за другарство и поддржување на различностите. Не е музика за сечиј стомак, дефинитивно, ама музика за оние што сакаат да играат, мрдаат, препуштени на „грување“. Опа-цупа, скок, јеееах!

Србите „Репетитор“, како и секогаш, испорачаа енергичен настап. Аудиториумот уште еднаш се увери зошто „Репетитор“ е еден од највозбудливите бендови на Балканот. Не верувам дека некој слушнал лош настап на триото. Така беше и сега. Стегнато, моќно, гаражно, рокерски! Вокалот и гитарист Борис Властелица се движи насекаде по сцена, се качува по металните платформи, се уфрлува пред испружените раце од толпата што е во екстаза. Акцентот беше на последниот албум „Prazan prostor među nama koji može I da ne postoji“. Дефинитивно беа еден од хајлајтите на „ПИН“.

После таков настап, се’ беше бесмислено. Тешка задача следуваше за следниот бенд  – нордиското електро-поп трио „Ај вер експеримент“. Колку и да се трудеа дечките, сепак атмосферата го достигна својот зенит, па тие звучеа некако млако. Голем дел од публиката веќе излезе надвор на платото да земе воздух. Заврна и дожд, ама тоа не пречеше роеви луѓе да останаат тука, меѓу пријателите. Не им се одеше дома.

Во вториот ден, саботата, на истата сцена се случија шест настапи. Невозможно беше за авторов на текстов да ги следи сите. Први свиреа тетовчаните „Стоунд хеџ“, уште еден домашен млад репрезент под закрила на „Пасворд“. Логин и дружината изминатиов период се трудат да буткаат млади бендови, па „ежињата“ влегуваат во таквата замисла за охрабрување на млади гласови и ентузијасти.

Словенечкиот квартет „Коала војс“ понуди навраќање на инди-панк звукот. Но, ова е и состав што кокетира со поп, стонер рок, кантри и диско. Ваквиот микс е забележан на четвртиот албум „Plata“, за кој организаторот на „ПИН“ пиша дека опејува теми „за работи што помалку болат, за растенија, тушеви, загрижени мажи и торнада“. И, сето тоа преку песни на англиски, словенечки и српско-хрватски.

На „ПИН“ се случи и Мамбо Курт. Тој е комичар, перформатор, музичар од германскиот град Бохум. Келавиот момак си направи „one man“ шоу. Свири на она што се вика домашна оргула и прави уникатни кавери на мејнстрим и рокенрол песни. Од „Jump“ oд „Ван Хелен“, преку „Just can’t get enough“ од „Депеш моуд“, па се’ до „Killing in the name“ од „Рејџ агенст д машин“. Во еден момент оддаде почит на „гејмбој“ времињата и ја пушти претпознатливата тема од играта „Марио“, додека во дел од публиката се правеа шутки. Мамбо Курт заигра и танц со девојка што ја качи на сцена.

Со својата појавност и духовитост, Германецот дефинитивно создаде шашаво позитивен делириум!

„ПИН“ изминативе години не значи само увертира на „Таксират“. „ПИН“ со својата програма можеби ја надминува и онаа од главната вечер на „Таксират“. Барем кај оние што не се навлечени на фестивали со низа хедлајнери, туку бараат нешто различно, свежо или поинакво. „ПИН“ повторно беше и во корелација со каузата на МКЦ да продуцира, стимулира и промовира културни настани и дела од различни домашни и меѓународни креатори, но и да поттикне врски меѓу нив. Оттука, „ПИН“ влета во вистинско време, повторно освежување и навраќање на претпознатливиот живот во МКЦ, повторно назад на „домашен терен“, каде сите се чувствуваат свои и млади. Секогаш.

Бојан Шашевски