МВР: 4783 граѓани не го почитувале полицискиот час – во еден месец 85 пријави за семејно насилство

Утрово  во пет часот официјално престана да важи полицискиот час кој првпат беше воведен пред речиси 70 дена, со цел спречување на ширење на коронавирусот.

За овој период, вкупно 4783 граѓани не ја почитувале одлуката на Владата за ограничување на движењето, од нив вкупно 3110 се приведени од страна на полициските службеници. Ова се дел од статистиките кои техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ги соошти на денешната прес конференција во МВР, посветена на сумирањето на резултатите и активностите од работењето од воведувањето на рестриктивните мерки.

До Министерствотото досега биле поднесени вкупно 2632 кривични пријави за 3137 дела против 3412 сторители. Најголемиот дел од нив биле од Скопје и Битола, а најдисциплинирани биле граѓаните од Велес и Куманово.

Чулев посочи дека до Министерството пристигнале бројни поплаки од граѓани за извршено семејно насилство, односно оваа бројка се зголемила за 44,6 проценти во однос на истиот период лани. За еден месец, МВР поднело и пријави за 85 кривични дела поврзани со семејно насилство.

„Од 12 април до 12 мај Секторот за аналитика во рамките на МВР има статистика според која во овој период МВР има поднесено пријави за 85 кривични дела во врска со семејно насилство, а најмногу се од СВР Охрид, СВР Скопје и од СВР Струмица. Во врска со семејно насилство поднесени се 49 прекршоци против 54 сторители. Има констатирано 373 поплаки од граѓаните за семејно насилство, што е зголемување од 44,6 отсто во однос на истиот период лани“, соопшти техничкиот министер.

Тој ги повика граѓаните кои се жртви на семејно насилство да пријавуваат за полициските службеници да можат ургентно да постапат.

Во однос на мерките за почитување на самоизолација и изолација министерот Чулев истакна дека се поднесени – вкупно 127 кривични пријави за 156 кривични дела против 169 сторители, а вкупно 5030 лица до сега се спроведени во државен карантин.

Исто така тој посочи дека во врска со обврската за носење на лична заштита до сега се констатирани вкупно 1973 прекршоци, а пак дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР во изминатиот период постапувал по 57 случаи за говор на омраза поврзан со „ковид 19“. До Основното јавно обвинителство досега биле поднесени 33 известувања и две кривични пријави, истакна Чулев.

„Некогаш грешевме ние, а некогаш граѓаните. Но, од грешките учиме и сме во можност да се подобруваме и да го подобруваме работењето на полицијата во заедницата што е една од клучните и стратешки приоритети на Министерството за внатрешни работи“, рече техничкиот министер.

Тој најави дека МВР и понатаму ќе контролира дали се почитуваат активните мерки и одлуки и апелираше и понатаму да се користи задолжителна заштитна опрема, забрана за групирање и држење на дистанца.