Музеј во Глазгов пријави „исчезнување“ на скулптура од Роден, вредна 3.5 милиони евра

Статуа на францускиот скулптор Огист Роден, дел од неговата позната групна скулптура „Les Bourgeois de Calais“, моментално е „нелоцирана“ во уметничките збирки на Глазгов.

Скулптурата, купена од музеите во Глазгов од уметникот во 1901 година, била изложена во паркот Келвингров од 25 јуни до 30 септември 1949 година. Но, оттогаш се чини дека е исчезната.

Жером ле Блеј, дирекоторот на организацијата „Комите Роден“, која ги каталогизира делата на уметникот ширум светот, вели дека исчезнувањето на скулптурата е „за жалење, но мора да се стави во контекст на времето“, бидејќи гипсените скулптури не предизвикале голем интерес во 1940-тите. Но, денес, вредноста на делото е околу 3,5 милиони евра , процени тој.

Бронзените статуи од Роден, биле откриени во 1895 година.  Исчезнатата статуа „претрпела штета“ за време на изложбата на отворено во 1949 година, пренесуваат локалните медиуми.

„Комите Роден“ верува дека исчезнатата скулптура можела да ја доживее истата судбина како и друга статуа на Роден,  овопат скулптура на Јован Крстител, која била изложена во исто време во Келвингров. Таа се оштетила, а остатоците од делото се чуваат во ресурсниот центар на музејот во Глазгов.

Ле Блеј се надева дека остатоците од „исчезнатото“ парче ќе можат да се најдат во музејските депоа. Околу 1.750 други уметнички дела исчезнале од шкотските музеи, вклучително и златниците поврзани со шкотската кралица Марија I, која владеела во 16-от век.

Британскиот музеј, исто така, неодамна ја призна кражбата на илјадници предмети од неговите резерви, што доведе до оставка на директорот.