Мултимедијална изложба и хепенинг „Протест(и)-потпис на револуцијата“

Мултедијалната изложба и хепенинг „Протест(и)“ на Александар Кондев, инспирирани од шестгодишно протестирање, документирано со над 10.000 фотографии, ќе се одржат на 12 април, во 17 часот во паркот на Жена-борец пред споменикот на Прометеј.

Цивил-центар за слобода, ги поканува борците за слобода и демократија, да дојдат и да се пронајдат на фотографиите, како и да се потпишат на Револуцијата.

„12 април е ден кој го сметаме како почеток на Шарената револуција, граѓански отпор кон недемократскиот режим во Република Македонија. Наречен како #Протест/#Protestoj, граѓански протест, протести на средношколците и студентите, #ДолеВлада или Шаренатa револуција, овој ден ја означува борбата за слобода и демократија што сѐ уште ја водиме. Во периодот од 2011 до 2017 реки од граѓани со барања за демократизација на државата и општеството течеa по улиците низ целата земја. Целиот овој период, фотографски, меѓу нив се трудевме да ги забележиме сите мигови кои ни минуваа пред објективите“, посочуваат од Цивил.