МРТ нема доволно пари за реформи, средна возраст на вработени е 58 години

Изборот на членовите на Советот во Агенцијата за медиуми и Програмскиот совет на јавниот сервис, дискриминација во медиумите, како и финансирањето на Македонската радио телевизија (МРТ), денеска беа во фокусот на јавната расправа организирана од собраниската Комисија за европски прашања.

Забелешките одеа низ призма на предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кои поминаа на владина седница, а сега се во собраниска процедура.

Засега, до 2020 година, предвидено е постепено да се издвојуваат од 0,7 до 1% од Буџетот за МРТВ. Ова, според Насер Селмани од ЗНМ, не е доволно за да може јавниот сервис да ги реализира програмите согласно законот, а не пак идните обврски со отворање на 24-часовен канал на албански јазик и канал на малцинските заедници.

„Во 2016 година МРТ имала околу 20 милиони евра, а ако се усвои овој закон, ќе има 15 милиони евра. Тоа се пет милиони помалку. Како со помалку пари може да направиме подобар и поквалитетен јавен сервис? Во МРТ средната старосна возраст на вработените е 58 години. Ако сакате квалитетна програма, мора да вработите луѓе. МРТ нема ниту дописничка мрежа“, нагласи Селмани.

Од јавната расправа во собраниската Комисија за европски прашања

Загриженост за укинувањето за обврската за радиодифузна такса искажа и Деан Георгиевски. Претставникот од Центар за развој на медиуми смета дека ниту 3% од Буџетот не се доволни за финансирање на МРТ, како вистински јавен сервис.

„При фокусирањето на информативната програма, забораваме дека МРТ во својата мисија има и едукативна, образовна и забавна функција. Токму јаката културна компонента, МРТ ја прави централен дел од националната културна индустрија. Оттаму, предвидените пари не се доволни. Потребна ни е сеопфатна и јавна расправа и дебата за тоа што ни треба, каков сервис, со какви програми, па потоа, врз база на тие заклучоци, да може се пресметуваме пари за МРТ“, нагласи тој.

Во моментов, вели Георгиевски, за јавниот сервис важи изреката „колку пари, толку музика“.

Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин рече дека со предлог-законот е направен исчекор и позитивни промени во однос на постојните законски решенија. Го спомена членот 11, каде е опфатен сегмент за заштита на човековите права и слободи. Односно, посебни забрани да се повикува на воена агресија или оружен конфликт, да се поттикнува насилство, дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основи на раса, пол, религија и националност.

„Во новиот предлог-закон се внесени боја на кожа, социјално потекло, верско уверување и етничка припадност, меѓутоа не се внесени сексуална ориентација и родовиот идентитет. Тие експлицитно треба да бидат внесени како основи (за дискриминација н.з.). Во минатото бевме сведоци дека токму припадниците на ЛГБТ заедницата беа многу често предмет на дискриминација, говор на омраза присутен во медиумите, и тој често резултираше со насилно однесување кон оваа стигматизирана заедница во РМ“, нагласи Морачанин, потенцирајќи потреба овој закон да се усогласи со новиот закон за спречување и заштита од дискриминација.

Зоран Трајчевски од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагираше во однос на тврдењата дека АВМУ претставува нем сведок за говорот на омраза. Според него, Агенција има 20-30 случаи за постапување на говор на омраза. Меѓутоа, вели тој, со постоечкиот закон АВМУ нема можност да казнува, туку сите жалби ги праќа до Комисија за заштита од  дискриминација.

„Што се однесува до самиот текст на законот, стои дека оние трговските радиодифузни друштва кои ќе се пријават дека на годишно ниво ќе емитуваат соодветна програма и музика, ќе добијат намалување на надоместокот од 30 проценти. Тоа е технички неизводливо. Треба да се ангажираат 100 луѓе кои само ќе мерат колку музика и програма ќе се емитува?! Понатаму, утврдување на времето на емитување и жанрот на музиката на македонски јазик и етничките заедници, е грубо мешање во уредувачката политика на медиумите“, смета Трајчевски.

Министерот за транспаретност и отчетност, Роберт Поповски смета дека новиот Закон е основа за реформа во медиумите и оневозможува влијание од политичките структури.

„Утврдени се критериуми за целосно професионализирање и се отфрла каков било сомнеж за партизирање на телата (на Агенцијата за медиуми и јавниот сервис н.з.). Во минатото имавме проблематично искуство, но Законот дава шанса центрите на моќ и политиката да ги тргнат рацете од медиумите“, рече Поповски.

Според него, изборот на членовите во советите со двотретинско мнозинство не значи политичко пазарење, туку политички консензус. Апелираше јавноста внимателно да го следи процесот за донесување на законот, а медиумите да оневозможат доколку политичките структури наметнат свое влијание и размислување.

Бојан Шашевски