Мрежа за заштита од дискриминација: Две транс-жени од Турција вознемирувани од гранична полиција

Мрежата за заштита од дискриминација соопштуваат дека до Народниот праобранител во октомври била поднесена претставска против МВР за случај на дискриминација и вознемирување од гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет.

Во случајот се работи за две транс жени од Турција кои биле вознемирувани од граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје.

„Двете транс жени ја имаат започнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е ‘М’ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната трансжена ѝ кажал дека бил во Истанбул и видел ‘луѓе како неа’“, велат од Мрежата.

Од таму објаснуваат дека по поднесената претставка, Народниот правобранител со барање до Секторот за гранични работи и миграција и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични службеници за нивно сензибилизирање, но и мерки за да се запознаат со домашните и меѓународните пракса за забрана за дискриминација по кој било основ.

По ова, МВР одговорило дека „со транс-жените се постапувало учтиво“.

„Согласно известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родов идентитет и само укажува за потребата од тренинзи за сензибилизација кон ‘овој тип на лица’ и препорачува преземање на мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминација“, соопштува Мрежата.

Мрежата смета дека е од исклучителна важност Народниот правобранител соодветно да постапува во вакви случаи и изречно да утврдува дискриминација и вознемирување, отколку, како што велат, да има поголема верба во исказите на полициските службеници.

„Народниот правобранител не верува на исказите од страна на жртвите и во известувањето за запирање на постапката без никакво образоложение само ги пренесува одговорите на МВР. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање на мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања од страна на полицијата, а Правобранителот не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од страна на Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита“, соопштија од таму.