„Мрдни со прст“ за помош на бездомниците во Скопје

Денес и во текот на викендот граѓаните ќе можат да донираат помош за бездомниците во Скопје на пунктот на „Мрдни со прст“ кој што е поставен во Скопје Сити Мол.

Пунктот, кој ќе биде поставен до влезот на „New Yorker“ каде ќе може да се донираат ќебиња, чиста облека, обувки, душеци за спиење, прибор за јадење и хигиенски средства, ќе биде отворен од денес, 13.01, до недела, 15.01, секој ден од 11:00 до 20:00 часот. Донациите ќе бидат доставени до Социјалниот центар „Дуња“ кој што обезбедува помош и вдомување на бездомници кои немаат каде да се засолнат од поларните температури кои што ја зафатија државата.

Кампањата „Мрдни со прст“ има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец.

„Во рамки на кампањата може да помогнете и со лоцирање на бездомник и негово пријавување на страната на Мрдни со прст или на Фејсбук страницата. Врз основа на пријавите волонтерите од Социјалниот центар Дуња ќе реагираат и ќе помогнат во згрижувањето на секое пријавено бездомно лице. Истовремено, се повикуваат сите кои сакаат да помогнат со приготвување на топол оброк за бездомниците истиот да го достават во социјалниот центар. Локацијата е Рајко Жинзифов бр 22 (спроти градежен факултет)“, стои во апелот на граѓанската платформа.