МОН воведува нова стипендија за студенти од 6.000 денари

На предлог на Министерството за образование и наука, владата на денешната седница ја усвоила информацијата за воведување нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6.000 денари.

Покрај оваа мерка за унапредување на квалитетот на наставните кадри во основното образование, владата на предлог на МОН ги усвои Програмите за ученичкиот и студентскиот стандард за 2018 година и Програмата за научно-истражувачката дејност за оваа година, како и програмите за изградба и реконструкција на средни и основни училишта.

Министерството за образование и наука, како што соопштија од Владата, доставило и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование. Предлогот за измени на законот се однесува на можноста за брза корекција на утврдените грешки во учебниците, како и на можноста на конкурсите за учебници освен домашните автори да учествуваат и издавачите кои ќе имаат можност предлагаат адаптирани учебници од странство доколку тие ги исполнуваат критериумите на МОН.