МОН: Случајот со тепачката во Неготино е пријавен во полиција

Министерството за образование и наука го осудува инцидентот со ученичките кои брутално се тепаа во дворот на „ОУ гоце Делчев“ во Неготино.

Оттаму инфорираат дека случајот е пријавен во полиција и очекува дека брзо ќе биде расветлен инцидентот.

Во меѓувреме, просветен инспектор го посети Основното општинско училиште „Гоце Делчев” од Неготино.

На видеото што кружеше на социјалните мрежи се гледаат две девојчиња како тепаат своја соученичка во дворот на училиштето.

Според директорот, Петар Мантев децата што тепаат всушност биле проблематични и за нив претходно имало изречени мерки.

„Повикани се учениците, изречена им е педагошка мерка, пратени се писма до родителите нивни за да дојдат на советување, известена е и полициската станица“, нагласи Мантев.

Случајот го осуди и Првата детска амбасада, Меѓаши, од каде побараа истрага на настанот.

„Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата. Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат“, велат од „Меѓаши“.

Како што изјави за МИА училишниот психолог,  Елена Кабранова, тепачката била за тинејџерска љубов и трите девојчиња кои претходно биле другарки, се смириле и се каеле.