МОФ распиша повик за учество на Летната академија за млади 2023

Младински образовен форум (МОФ) и оваа година организира Летна академија за младински права, демократија, младинско учество и организирање и адресирање на социјални предизвици и проблеми.

Академијата ќе се одржи од 21 фо 25 август во хотел „Истатов“, Дојран. Сите заинтересирани за учество на Академијата, потребно е да го пополнат следниот прашалник.

Повикот е отворен од 21 јули и ќе трае до 2 август.

Академијата е отворена за стотина млади учесници од земјава, кои ќе добијат прилика да присуствуваат на стручни предавања и панел-дискусии  од најразлични  области, со што ќе се понуди разновиден опсег на знаења и вештини.

„Повикот е отворен за сите заинтересирани млади на возраст од 15-25 години кои живеат на територијата на С. Македонија, кои се членови на МОФ, но и оние млади кои досега немале прилика да се вклучат во активностите и настаните на организацијата“, велат од Младинскиот образовен форум.

Оттаму дополнуваат дека секој учесник може да избере предавања според своите интереси, а учесниците ќе бидат избрани според квалитетот на поднесените апликации.

Во рамки на предавањата за дебата, учесниците ќе имаат можност да ги подобрат своите ораторски вештини, да бидат поттикнати на критичко размислување и одблиску да се запознаат со форматот на британската парламентарна дебата, преку дебатирање на неочекувани теми.

„Предавањата ќе се фокусираат на теоретскиот дел на изучување на форматот, заедно со практични вежби во кои активно ќе бидете вклучени и ќе имате можност да ги примените стекнатите знаења за компетитивна дебатa. Не го повишувај тонот, зајакни го аргументот“, велат од МОФ.

Во рамки на програмата „Учиме право“, учесниците ќе имаат можност одблиску да се запознаат со изборните и демократски процеси.

„Во рамките на оваа трака, ќе имаш можност да учествуваш на предавања за избори, изборните системи и процеси, младинско учество и зошто младите се важен дел од едно демократско општество. На траката ќе имаш можност и прв пат да гласаш за претседател, но и да можеш да се кандидираш за претседател“, велат од МОФ.

Во програмата за истражување и креирање младински и образовни политики на локално и национално ниво, заинтересираните ќе добијат можност да научат повеќе за  академско пишување, истражување и креирање на препораки за јавни политики, со фокус на теми поврзани со млади и образование.

„Траката ќе опфати две главни компоненти поделени на 6 сесии кои се сметаат за столбови на програмата: истражување и застапување. Првата компонента, преку 4 сесии ќе ве научи повеќе за тоа како да градите истражувачко прашање и хипотеза, како да ги истражувате темите (квалитативни, квантитативни и мешани методи) и како да поставите етичката рамка при креирање на истражувачки труд. Втората компонента преку 2 сесии ќе се фокусира на пишувањето и промовирањето на препораки за креирање на јавни политики. На крајот од траката, ќе подготвите краток документ за јавни политики на одредена тема поврзана со млади и образование“, велат од МОФ

Во програмата за „Артивизам“, заинтересираните ќе добијат можност да го искористат својот интерес за уметноста за решавање на општествените проблеми.

„Преку програмата ќе добиете вештини за идентификување и анализа социјални предизвици и проблеми; вештини за креативно решавање на проблеми; основа за користење на онлајн платформата ‘Канва’, теориско знаење за младинскиот активизам и дигиталната уметност, но и можност за организирање на герила акција“, велат од МОФ.

Во програмата за новинарство, насловена „Како да бидам новинар“, тим од двајца новинари на Радио МОФ, придружени од медиумски експерти, заинтересираните ќе имаат можност одблиску да дознаат што е тоа новинарство, зошто е важно и како се практикува.

„Вести има секаде, но како да препознаеш што е вредно за објава? Можеби имаш желба да правиш подкаст, ама не знаеш за што би зборувал и како би водел интервју? Или сакаш да снимаш видео-прилог, но немало кој да ти покаже како да склопиш приказна? На оваа трака нема да слушаш само теорија, тука сакаме да бидеш дел од интерактивна програма со информативни, едукативни и забавни содржини“, велат од МОФ