МОФ ќе го одбележи Денот на младите со настани во фокус на еднаквост, инклузија и активизам

Младинскиот образовен форум (МОФ) во периодот што следува ќе организира интерактивни активности, видео подкасти и настани со што ќе започне одбележувањето на месецот на младите.

„Ќе го одбележиме и прославиме младинското учество, младинскиот активизам, еднаквоста и инклузијата преку споделување успешни приказни на млади активисти и креатори на промени, пет локални настани и инспиративни видео подкасти. Дополнително, ќе зборуваме за потребите на младите“, се вели во најавата.

Дополнително, оттаму соопштуваат дека 12 август – Меѓународниот ден на младите ќе биде одбележан со настан во Школка, во Градскиот парк во Скопје.

„На настанот очекувајте инспиративни говори, интерактивни активности и можности за градење на нови пријателства и вмрежување и уште многу изненадувања. Преку овој настан, сакаме да ја поддржиме вашата креативност, знаења и идеи за подобрување на светот“, велат од МОФ.

Програмата за главниот и останатите настани ќе биде споделена деновиве.