[Галерија] Младите со хакатон и саем го одбележаа Денот на младите

Девет тимови на млади од 15 до 29 години учествуваа во Хакатон за поддршка на решеније кои целат кон активно вклучување на младите и поддршка на нивниот личен и социјален развој. Идеите вчера беа презентирани во Музејот на современа уметност (МСУ), каде млади креативци, иноватори и активисти се дружеа, дискутираа за своите активности, а истовремено се случуваше и саем на повеќе младински организации.

Хакатонот се случуваше по повод одбележување на 12 август, Меѓународниот ден на младите. Поради пандемијата, Хакатонот не беше спроведен во затворен простор во текот на еден ден, туку идеите се развиваа изминатава недела, но и во текот и на самиот настан во МСУ.

Младите презентираа идеја за друштвена игра со карти, со цел поттикнување покритично размислување кај младите. Потанаму, презентирана беше идеја за обуки за дизајн и уметност и професионално насочување на млади од еднородителски семејства, а исто така и апликација за мапирање настани во интерес на младите.

Меѓу другите, присутните во МСУ слушнаа за платформа за едукативни видеа за полесно стекнување на вештини и знаења на студенти и ученици, веб-страница за активности за волонтерство и сајт-платформа за кариерен развој на младите.

Според Агенцијата за млади и спорт, која го организираше настанот заедно со НМСМ и СРМ, првите три тимови ќе добијат парични награди во висина од 80.000, 50.000 и 30.000 денари за развивање на нивните идеи. Наградените треба да бидат соопштени идната недела.

„За најдобрите три идеи и презентации ќе одлучува комисија во просториите на Агенција за млади и спорт по што и ќе бидат и јавно објавени“, соопштија од Агенцијата.

Инаку, младинските организации на саемот имаа можност да постават штандови каде заедно со врсниците и соработниците разменуваа искуства од своите проекти и можности за младите луѓе. Тука можеа да се најдат разни материјали, истражувања, летоци, па се до маици и беџеви од претставниците на младите од граѓанскиот сектор.

Бојан Шашевски