Младинските политики тапкаат во место – се чека Регистарот од Законот за млади

Мал дел од младинските организации се пријавиле на повикот на Агенцијата за млади и спорт, за да станат членки на новиот Регистар од кој ќе зависи креирањето на идните младински тела во земјава, кои треба да помогнат за решавање на младинските проблеми од сите сектори. Отсуството на јавна кампања за можностите кои се отвораат со Законот за млади (Закон за младинско учество и младински политики) во чии рамки се прави и Регистарот, но и потребата од одржување Собранија среде пандемија, се само дел од причините поради кои организациите не одговориле на повикот.

„Моментално само две членки, од вкупно 21 се пријавени во регистарот на АМС. Причината е тоа што за регистрација потребна е документација која предвидува приложување документи (годишна програма, наративни извештаи) кои ги усвојува највисокиот орган на управување во локалните извиднички организации, а за тоа е потребно свикување на собрание кое во моментов е невозможно да се свика поради рестрикциите“, велат од Сојузот на извидници на Македонија.

И од Националниот младински сојуз на Македонија алармираат за слабиот интерес. Помалку од половина од членките на оваа младинска чадор организација поднеле барање за регистрација во Регистарот. И тие како причина го наведуваат тоа што уписот бара многу документи усвоени на Собрание, кое пак е тешко да се свика поради рестриктивните пандемиски мерки. НМСМ дури потпиша и меморандум со АМС за тоа дека верификацијата за упис во регистарот ќе се прави заеднички.

„Сепак, ни се чини дека постојано мораме да ја потсетуваме Агенцијата за млади и спорт за работи кои заеднички сме ги утврдиле и сме се согласиле, што одзема непотребно трошење на време и енергија. Сметаме дека АМС треба значително да ги зголемат напорите и капацитетите (и човечки и материјални) во комуникација и промоција на Регистарот и значењето на тој регистар и генерално на можностите и механизмите кои ги предвидува Законот за младинско учество и младински политики. Во овој момент, за поголемиот дел од младинските форми на организирање се уште лебди во воздух прашањето зошто е потребно да се регистрираат во посебен регистар кој го води АМС, кога веќе се регистрирани во Централниот регистар“, укажуваат од НМСМ.

Од Сојузот на извидници велат и дека АМС, како институција која треба да ги застапува токму младите, само констатира дека има проблем, но не бара решение.

„Не направиле никаква кампања за охрабрување на организациите за нивно регистрирање, придобивки од регистрирањето согласно Законот за млади, промоција на законот и залагање за негова имплементација. Целата работа е оставена на добра волја на организациите и нивните заложби за промоција на законот, наспроти обврските на агенцијата“, велат извидниците.

Од Младинскиот образовен форум велат дека аплицирале на повикот, и успеале да ги соберат потребните документи. Сепак, укажуваат дека има простор за подобрување на процесот.

„Единствена забелешка може да биде тоа што целата пријава се очекува да е поднесена и во електронска и во хартиена форма, директно во архивата на Агенцијата за млади и спорт. Практика која можеби треба да се промени во иднина, земајќи ги предвид заштитата на здравјето на граѓанит и животната средина, како и дополнителните трошоци кои настануваат при подготовката на апликацијата“, велат од МОФ.

Регистарот како прв чекор кон имплементација на Законот за млади

Воспоставувањето на Регистарот на младински организации, организации за млади и чадор организации е само првиот чекор кој треба да овозможи исполнување на законските одредби. За него е одговорна АМС. Според законските рокови, тој требаше да фиде финализиран уште во текот на минатата година.

„Регистарот на младински организации, организации за млади и чадор организации е креиран и е во функција. Неговото поставување на веб страната на АМС е во тек“, велат од Агенцијата.

Доцнењето на Регистарот, повлече доцнење на сите национални младински тела кои зависат од него. Имено, членките од Регистарот потоа треба да го свикаат Националното собрание на млади, од кое треба да се избере Советот на млади што треба да работи заедно со институциите на решавање на младинските проблеми.

„Она што е значајно да се напомене е дека конституирањето на овие тела – на локално и национално ниво – можат особено да придонесат во ситуацијата со справување со пандемијата преку пружање на директни информации за нивните потреби и барања, особено ако се има предвид дека младите се една од најпогодените групи на граѓани од пандемијата, особено од економски аспект“, велат од МОФ.

Дека младите најмногу губат со доцнењето на имплементација на законот наменет за нив, согласни се и младинските чадор организации.

„Младите губат можност за подобар квалитет на живот и мотивација и охрабрување за нивен општествен ангажман. Нам нè загрижува тоа што државата свесно губи уште една генерација на млади и ги остава на маргините од општествениот живот. И после сите декларативни заложби дека „младите се приоритет“ во политиките и во предизборните програми на политичките партии, но и во програмите на моменталната Влада, очигледно е дека ова се само декларативни заложби на хартија. Разочарува наративот дека еден од ретките закони донесени со консензус во политичкиот спектар се третира како парче хартија и нема политичка волја за ова да профункционира. Законот за млади има(ше) реално остварливи и разумни рокови за да почне да живее, кои ниту централните институции, ниту општините не ги испочитуваа. Ова пренесува порака дека или младите не им се приоритет или не се способни да одговорат на задачите. И двете опции се неприфатливи за нас младите!“, велат од НМСМ.

Од Сојузот на извидници, пак, додаваат дека она што никој не може да им го надомести на младите е токму изгубеното време.

„Младите во денешницава, во време на брз развој, раст и проток на информации, немаат време да чекаат на добра волја на државни/локални власти за нештото од хартија, да прерасне во пракса. Или го имплементираш, или воопшто не го гласаш како политика за на хартија. Ако во завршни одредби од законот е пишано дека Агенцијата ќе донесе подзаконски прописи со кои се регулира регистарот на младински организации во рок од 90 дена, истиот се очекува да се донесе за 90 дена, а не за 10 месеци. Кога се очекува Владата во рок од 18 месеци да донесе Национална стратегија за млади согласно одредбите од законот, истото се очекува да се донесе во рок од 18 месеци (процес кој сеуште не е ниту отпочнат, а поминати се 16 месеци од донесување на законот). Кога се очекува општините на локално ниво во рок од една година да формираат канцеларија за млади, службеник за млади и формирани и функционални локални младински совти, младите очекуваат дека истите ќе бидат формирани во тој временски период“, критични се извидниците.

Никој не ги ферма младите – пандемијата, изборите и апатијата ги закочија младинските политики

Оттаму велат дека во перидот кој следува приоритет треба да биде креирање на Национална стратегија за млади и оспособување на сервисите за млади. Сметаат дека така ќе може да се тргне во решавање на предизвиците поврзани со младите, од неформално образование и образование, па сè до вработување и спречување на одлив на мозоци.

Од НМСМ додаваат дека спроведувањето на т.н. Закон за млади е важно прво за да се охрабрат младите, да се пренесе пораката дека државата верува во потенцијалот и ангажманот на младите. Според МОФ, мора да се забрза имплементацијата на Законот на млади, за да се обезбеди и гарантира младинско организирање и учество, кое треба да има и застапувачка улога пред институциите на локално и национално ниво.

Ј.Ј.