МНТ ја најавува претставата „Дух“, македонскиот Хамлет на Дуковски

Македонски народен театар ја најавува премиерата на најновата претстава со работен наслов „Дух“, според последниот текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Премиерата ќе се случи на средината на април на големата сцена на МНТ.

По соработката на претставите „Дракула“ (2008) и „Силјан штркот шанца“ (2016), ова е уште една соработка на веќе докажаниот тандем Дуковски – Јаниќијевиќ.

Драмата зборува за трагедијата на едно современо семејство, кое ја губи куќата поради долгови, и притоа немаат начин како да го исплатат долгот кон доверителите, на кои куќата им ја ставиле под залог. Низ темата е изразен/истакнат бунтот на главниот лик кон социјалната и морална навреда во современото општество.

Во претставата играат: Гораст Цветковски, Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ,Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.

Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимограф е Лидија Георгиевска, извршен продуцент е Виктор Рубен, а инспициент е Никола Кимовски.

Овој текст праизведбата ја имаше надвор од Македонија 2015 г. во Српско народно позориште, Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а непосредно по тоа во септември 2016 г. и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ.