Младите ги стигматизираат бегалците поради засилени национални чувства и страв од тероризам

Стравот и предрасудите кон луѓето од исламска вероисповед се најголем извор на стигматизација кон бегалците и кон мигрантите кај младите луѓе од осум европски земји, четири од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, и четири земји членки на ЕУ, покажува интернет-анкетата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, изработена во рамки на проектот „Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови“.

Наодите покажуваат дека стравот и предрасудите кај младите луѓе се зголемуваат во најголем дел поради засилувањето на националните чувства и загриженоста поради тероризмот во светот. Ваквиот однос и чувства се поизразени кај младите што живеат во рурални средини, отколку кај тие од градски средини. Притоа, контактот со бегалците го намалува нивото на исламофобија и на стигма на младите кон овие луѓе.

Исламофобијата кај младите луѓе на вкупниот примерок на скала од 1 до 5 е оценета со средна оценка од 2,75. Младите луѓе од Западен Балкан се помалку исламофобични отколку нивните врсници од Европа. Нивото на исламофобија кај младите луѓе во Западен Балкан е 2,5, а за младите луѓе од европските земји нивото е 2,9.

Според истражувањето, просечното знаење за исламската религија е релативно ниско, односно на скала до 6, тоа е на ниво 2,2.

Анкетата покажува дека младите луѓе во Западна Европа имаат поголема веројатност да поддржат насилни протести, додека младите луѓе од Западен Балкан обично се склони кон „нарушување на редот“.

Младите луѓе од земјите од Западен Балкан сметаат дека најголема безбедносна закана е организираниот криминал, потоа тероризмот и, на трето место, емиграцијата.

Што ги загрижува младите?

Младите луѓе од земјите од Западен Балкан сметаат дека најголема безбедносна закана е организираниот криминал (4.41 на скала од 1 до 5).

На второ место, како закана за безбедноста, младите гледаат во тероризмот, иако тоа е позагрижувачко за младите луѓе од ЕУ (3.74) споредено со младите од Западен Балкан (3.42).

На трето место е имиграцијата која повеќе ги загрижува младите луѓе од ЕУ (3.29) отколку младите од Западен Балкан (3).