Млади дизајнери со постери даваат придонес против загадувањето

Под закрила на дизајнерот Горан Костовски – Индог, млади креативци изработија постери за да остават свој белег, придонес кон горливиот проблем со загадувањето.

Преку изложбата произлезена од работилницата „Celebrate life/Емоции за еден град“, илустрациите на младите графички дизајнери и артисти го коментираат аерозагадувањето во Скопје со ПМ10 честички, кои во изминатите години се високо над граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитет на воздухот.

Куратор на изложбата е Индог, за Радио МОФ вели дека самата изложба и проектот се многу важни, бидејќи живееме во еколошка катастрофа и многу е важно цело време да се прават активности за да им се објаснува на луѓето околу нас што значи квалитет на животот.

„И дека не е само финансии во прашање, бидејќи јас сметам дека животната средина е многу многу попресудна за тоа како ние ќе живееме. ‘Celebrate life’ веќе 8 години зборува за сите општествени промени (позитивни и негативни) и преку уметност допира до многу поголема публика, отколку кога тоа би бил пишан збор (не потценувам ниту еден медиум, само илустрацијата е таа што ми е мене да ги искажам сите мои ставови)“, вели Индог.

Една од младите дизајнерки е Надица Велјаноска, која потенцира дека загадувањето е актуелна тема која сите не засега. Преку изложбата на постерите, вели таа, се дава една поинаква димензија и пристап кон проблемот.

„Верувам дека преку уметноста може да се влијае на јавното мислење и свест, и на ваков начин да допринесеме за подобрување на животните услови во Македонија. Проблемот е актуелен, целта на настанов е да се влијае кон позитивна промена на јавното мислење и поголема експонираност“, нагласува Велјаноска.

Гoга Стојковска забележува дека моменталната состојба на воздухот во Скопје е алармантна и сите не’ засега, затоа е неопходно да дејствуваме на тоа.

„Горан (Индог) како предводник на оваа работилница, не’ повика и поттикна да размислиме на оваа тема и заедно преку креативни решенија да ја развиеме свеста на граѓаните околу овој проблем. Креативноста како процес може да послужи да поттикне промени, зависно од тоа како дизајнерот ќе ја пренесе пораката од темата која го засега. Сметам дека во време каде што загадувањето е главен проблем и влијае врз здравјето на граѓаните, време е сите да почнеме да реагираме“, вели дизајнерката Стојковска.

За младиот Димитар Чаки Чакар, се работи за деликатна тема која треба да остане во свеста на луѓето и после лошите времиња на загадување. Тие, вели тој, успеале тоа да го претстават преку графички дела и визуелна да ги препратат тие емоции.

„Се надевам допринесовме некаква порака до сите кои ги искусија постерите кои беа изложени. Исто така одлична шанса да експонирање на млади артисти“, смета тој.

И за дизајнерката Медина Хоџа е задоволство да е дел од ваква активност. Смета дека дека на мали места со големи проблеми како што е нашава држава и се потребни вакви семинари, работилници, активности…

„Со вакви собиранки, секој од нас може да научи многу во оваа област. Уметноста е моќна алатка која може да те натера на подлабоко размислување, а со тоа може да те натера и на промени. Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе вакви активности затоа што лично сметам дека креативноста може да поттикне промени кај сите генерации“, констатира Хоџа.

Инаку, делата на младите креативци од изминатава сабота (16 февруари) се поставени во „Кафе Винил“ во Дебар Маало.  Изложбата ќе биде поставена до 28 февруари. Проектот „Емоции за еден град“ е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.

Фото: Елена Фиданска

Бојан Шашевски