Министерството утврди дека нема метил акрилат во воздух, ама засега не утврди одговорност за излевањето во ОХИС

„Ситуацијата е под контрола. Нема потреба за паника“.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, денеска на неколку пати пред новинарите, на англиски јазик со преведувач, ја смируваше ситуацијата за излевањето на течноста во ОХИС, откако викендов јавноста реагираше и побара одговорност за случајот.

На брининфот, а потоа и на прес-конференцијата, Нуредини рече дека се преземаат сите мерки од институциите и се истражува дали и каде е потфрлено со цистерната во која се чувало метил акрилат мономер, кој го почувствуваа и за кој реагираа граѓаните околу ОХИС. Засега нема утврдено одговорност за случајот. Се чека финален извештај.

„Инспекторот моментално го пишува извештајот, чекаме на анализата од лабораторијата да видиме дали опстојува некаков ризик. Но, може да кажеме дека нема простор за паника, нема контаминација во воздухот“, рече Нуредини.

Тој пред новинарите уверуваше дека ако во тендерот постоела обврска за 24-часовен мониторинг на процесот, а не била испочитувана, или бил најден некаков недостаток во процесот, во тој случај „ќе осигураат дека нема повторно да се случи“. Нуредини не кажа како, колку и кој би бил санкциониран.

Официјалните резултати од земените мостри од воздухот се уште не се доставени од лабораторијата од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Сепак, неофицијално, МЖСПП тврди дека не станува за посериозна закана. Односно, велат дека во самата цистерна имало траги од испарување на овој мономер, а воопшто немало надвор – во животната средина. Јавноста допрва ќе дознава за концентрациите.

Пејо Кировски, државен инспектор надлежен за случајот, рече дека при испирањето со вода, дошло до протечување на вентилот и течноста е излеана во танкваната – бетонската када. Таа служела во случај на инцидент да не дојде до излевање и не се загади земјата и водата.

„Како резултат на тоа, од нас е дадено задолжение веднаш да се собере течноста од танкваната, бидејќи се ширеше миризба која малку ги вознемири граѓаните. Но, тоа вечерта до 20:30 часот се’ беше завршено. Препокриена беше кадата со стуготини од дрво, со пилевина. Струготините наредниот ден (9 ноември) беа собрани и кадата беше дезинфицирана со варова вода. На 9 ноември се направи контролен инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС)“, рече Кировски.

Од ресорното министерство велат дека тендерот за компанијата „Екоцентар 97“ го спроведуваат доверителите, т.е. банките, а тие само даваат критериуми за изборот. ОХИС има приватни земјишта, каде работат повеќе правни субјекти. Во случајов, не знаат дали критериумите на субјектот се испочитувани, тоа треба да го утврди истрагата.

„Целата постапка не ја водеше ова министерство. Кога се избрала компанијата ‘Екоцентар 97’, ние ја задолживме за Елаборат за оценка на влијание на животна средина. Тие пропишуваат мерки и активности за спречување, проценуваме евентуални штети. Тој Елаборат е подготвен, целата програма како да постапува ‘Екоцентар 97’ е пропишана во решението за тој Елаборат. Тоа е улогата на МЖСПП, и секако, Државниот инспекторат да врши надзори. Елаборатот е јавен документ“, рекоа од Министерството и го објавија по завршувањето на средбата со новинарите.

Според Министерството, „Екоцентар 97“ има ангажирано подизведувач за собирање, препакување, складирање, и се чека дозвола и за извоз. Подизведувачот е фирма „Сириус стар“ од Русе, Бугарија. Таа треба да ги поседува дозволите собирање и транспорт на опасен отпад.

„Течните хемикалии се на безбедно место, во специјален магацин. При секое препакување сме информирани“, велат од министерството.

На прашањето што се’ има во кругот на ОХИС, колку субјекти, министерството исто така не даде конкретен одговор, туку дека „се повеќе од 10 фирми“. Во зависност од типот на дејсноста, фирмите за дозвола се обраќаат до општината, Градот или во МЖСПП.

Од „Екоцентар 97“ тврдат дека магацинот во кој се складирани хемикалиите е под постојан надзор, 24 часа, седум дена неделно. Физичкото обезбедување, велат тие, го ангажирале за да се спречат пристап од неовластени лица.

„Според протоколот за работа утврден со Договорот, празните цистерни во кои беа складирани хемикалиите, а во моментов се празни, не се предмет на надзор“, велат од компанијата.

Тврдат дека при полнењето на цистерната не е забележано течење или неисправност. Веднаш по пријавување на инцидентот, согласно процедурите, соопштуваат дека водата е собрана во АДР буриња и истата е подготвена за транспорт и согорување.

„Согласно Протоколот за справување со вонредни ситуации повикани се екипи од Генерал Штаб на АРМ и Дирекција за заштита и спасување, надлежни за ваков вид ситуации во кои треба да се утврди степенот на опасност. Според процедурата, екипите извршија мерења на воздухот, а во континуитет ја следат ситуацијата на терен“, соопштуваат.

Ја следеле ситуацијата, директно на терен. Од расположливите информации, тврди компанијата, досега нема пријавено граѓани кај кои се увидени здравствени проблеми од ситуацијата.

Инаку, на брифингот, министерството тврдеше дека преку инспекторите пробуваат да го минимизираат дополнителното загадување од пожарите и разните загадувачи. Повторно ги потенцираа домаќинствата, а потоа и транспортот, индустријата…

„Ова е долготраен процес, затоа се спроведува гасоводна мрежа, програмата со инвертерите, правиме мапирање на сите загадувачи со А и Б интегрирани дозволи. Ги следиме сите државни згради, начините на загревање. Се надеваме, во текот на наредната година – да се поврзат со гас-мрежата, или централното греење“, рекоа од министерството.

Околу линданот, тендерот е пролонгиран за декември, а не е откажан. Се бара најдобрата технологија за чистење за малата депонија, дали на лице место, дали ќе се носи и третира во странство и сл. Проценките велат – за малата третманот е околу 6 милиони долари, а големата 40-60 милиони долари. За малата, оптимистична прогноза за почеток е март, или мај-јуни 2020. Само чистењето на оваа депонија ќе биде неколку години. За големата допрва ќе се одлучува. Досега се обезбедени 1 милион долари од Влада, 2 од ЏЕФ, 1 од трето место, а наредна година треба уште пола милион од Влада.

Во однос на државата лабораторија, која ако не се акредитира не може да биде контролен механизам против загадувачите, министерот рече дека ја отворил програмата, работатат на неа, се купуваат инструменти и дополнителна опрема. Доколку оди се’ по план, би била акредитирана во првата половина идната година.

Нуредини рече дека ќе ја разгледа правната можност за објавување на записниците од инспекторираните оператори. Досега јавноста добиваше само голи бројки за надзори, без имиња на фабрики. Новинарите не ги добиваат записниците, бидејќи Инспекторатите се повикуваа на Законот за заштита на лични податоци.

Бојан Шашевски