Минеаполис: Се засилуваат протестите против полициска бруталност по смртта на Џорџ Флојд

Во Минеаполис деновиве се заоструваат протестите против полициска бруталност откако случајот со починатиот Aфроамериканец Џорџ Флојд ја потресе јавноста.

Демонстранти ноќеска ја запалија градската полициска станица во која работеле четворицата полицајци кои учествуваа во приведувањето на Флојд.

Случајот започна во понеделникот, кога сопственик на продавница во Минеаполис повикал полиција бидејќи се сомневал дека Флојд се обидел да купи цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари.

На социјалните мрежи кружеа снимки и фотографии на кои се гледа односот на полицајците кон Флојд. Еден од нив, Дерек Чавин, употребил прекумерна физичка сила, иако Флојд повторувал дека не може да дише.

Откако се дозна за случајот, полициските службеници добија отказ, а станицата била евакуирана поради безбедноста на вработените, информираа од полицијата.

Протестите почнаа следниот ден, кога стотици граѓани мирно се собраа на местото каде што Флојд беше тешко повреден, барајќи одговорност и апсење на полицајците. Но, набрзо демонстрациите станаа насилни.

Гувернерот на Минесота Тим Валц, прогласи вонредна состојба и распореди 500 припадници на Националната гарда во Минеаполис. Тој соопшти дека во синоќешните протести биле оштетени голем број бизниси, а полицијата употребила солзавец против демонстрантите кои гаѓале со камења и шишиња.

За случајот се огласи и претседателот Доналд Трамп кој рече дека зборувал со гувернерот и му ја понудил помошта од војската за како што рече, да ја вратат контролата. 

Во меѓувреме, сопственикот на продавницата кој го пријавил Флојд, изјави дека жали за тоа што се случило и понудил да плати за неговиот погреб.

Реакции за полициската бруталност, пак, стигнаа и од Обединетите Нации. Мишел Башле, висока комесарка за човекови права ги повика американските власти да преземат сериозни мерки за да се стави крај на убиствата на Афроамериканци од страна на полицијата.

Протестите во САД против полициска бруталност кон афроамериканското население започнаа со движењето „Црните животи значат“ („Black lives matter“), по случајот со застреланиот Мајкл Браун во Фергусон, Мисури во 2014 година, по што се организираа повеќе масовни демонстрации.