Милијардерите за време на пандемијата станаа побогати за 4 трилиони долари

Богатството на милијардерите за време на пандемијата со коронавирусот е поголемо за 4 трилиони долари, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

На порталот „Бизнис Инсајдер“ објавен е извештај на Институтот за политички студии (ИПС) кој покажува дека од 18 март 2020 година до 18 март 2021 година, богатството на 2.365 милијардери е зголемено за 54 отсто, односно за 4 трилиони долари.

Во извештајот се наведува дека 20-те најбогати милијардери се побогати за 742 милијарди долари, што е зголемување од 68 отсто.

Извештајот на меѓународната организација Оксфам пак, објавен на почетокот на годинава покажа дека милијардерите се побогати за 3.9 трилиони долари.

Во него се наведува дека тие пари може да помогнат никој да не осиромаши поради пандемијата со коронавирусот и дека со нив може да бидат купени вакцини против Ковид-19 кои се доволни за сите.