Меѓународна летна школа за студентите по архитектура

Триесет студенти од Македонија и странство учествуваат на Меѓународната летна школа за архитектура што по 24 пат се одржува во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.

Темата на годинашната сесија на Меѓународната летна школа е „Изблик на чиста архитектура во планините“, а гостин-тутор е реномираниот светски архитект Питер Вилсон. На Школата учествуваат и други ментори од Архитектонскиот факултет и од странство, како и студенти од Архитектонскиот факултет и странство. Учесниците – студенти, Факултетот ги избира врз основа на апликација придружена со портфолио.

Во досегашното постоење на Летната школа имало учесници и тутори од преку 40 земји од скоро сите континенти. Во последните неколку години, гости-тутори на сесиите на Летната школа беа светски познатите архитекти Сами Ринтала од Норвешка, Хан Тумертекин од Турција, Елија Зенгелис од Грција, Александар Бродски од Русија и други.

Традиционално, целиот настан се прави во организација на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.