МЕД: Уништена кафез-замка за рисови во Суви Дол

Кафез-замка за рисови која била поставена за научно-истражувачки цели во месноста Суви Дол во кичевско, деновиве е целосно уништена и не е во можност повторно да се употреби за следна мониторинг сесија на балканскиот рис, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

„Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите“, вели Диме Меловски од МЕД.

Вакви замки се поставени на повеќе локации во Националниот парк „Маврово“, но и надвор од него, а од МЕД потенцираат дека тие се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, кое од друштвото активно го проучуваат и заштитуваат од 2006 година.

Но, од МЕД велат дека имаат и една убава вест од нивната теренско-истражувачка работа. Тие деновиве добиле фотографии од рисицата Лиса која „позирала“ за локалец од Маврово.

„Деновиве добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години“, додава Меловски.

Фотографиите била направени од жител од едно мавровско село, кој рисицата ја фотографирал од својата тераса.