Масовни анти-Орбан протести во Унгарија против законските измени за прекувремена работа

Илјадници луѓе во саботата поминаа преку центарот на Будимпешта, протестирајќи против новиот закон кој на работодавачите им овозможува да бараат од вработените 400 часа прекувремена работа годишно.

Опозициските групи во изминатите неколку недели одржаа повеќе протести во главниот град на Унгарија и во други градови против, како што велат, авторитарното владеење на конзервативниот националист Виктор Орбан.

Саботниот протест организиран од опозициските партии, синдикати и граѓански здруженија воглавно е насочен против новиот закон за работа, кој критичарите го нарекуваат „робовладетелски“.

Демонстрантите се движеле од историскиот Плоштад на хероите до зградата на парламентот на брегот на Дунав, носејќи транспаренти со пораки како „Да го исчистиме режимот“, пренесе Ројтерс.

Максималниот број дозволени прекувремени часови според новиот закон ќе се зголеми од 250 до 400 годишно. На тој начин работодавачите потенцијално би можеле да додаваат два работни часа на просечниот работен ден или дополнителен работен ден во неделата.

Противниците на законот истакнуваат дека тоа е резултат на притисокот на германските производители на автомобили, столбот на унгарската економија, поради недостатокот на работна сила во земјата.

Орбан изрази задоволство од усвојувањето на законот, велејќи дека тоа е „важен и добар закон“ и истакна дека законот ќе им користи на работниците.