Маршот на жените организира глобален штрајк – Ден без ниту една жена

Маршот на жените, неформалната организација која „изникна“ поради сексистичките ставови на Доналд Трамп, организира ден на кој сите жени – без разлика дали се домаќинки, вработени, студентки или ученички, ќе штрајкуваат.

Штрајкот кој организацијата го најавува ќе го носи името „Ден без ниту една жена“. Настанот беше најавен вчера на Твитер, а датумот треба да биде објавен наскоро. Маршот на жените во Вашингтон се случи на 21 јануари, еден ден после инаугурацијата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп. На маршот имаше огромен број на присутни, не само во Вашингтон туку и низ целиот свет. На жените им се придружија и голем број мажи, но и припадници на други маргинализирани групи.

Маршот на жените беше досега најголем протест забележан во историјата на САД.

„Нема да мируваме сѐ додека жените немаат еднаквост на сите нивоа на лидерството во општеството. Ќе работиме мирно додека препознаваме дека нема вистински мир без правда и еднак вост за сите“, пишува во мисијата на Маршот на жените.

На интернет се шпекулира дека штрајкот можеби ќе се случи на 8 Март, Денот на жената, бидејќи планови за ваков штрајк веќе се објавени за тој датум во Аргентина.