Марш за толеранција на различностите во образованието

Образованието и младите ќе бидат во фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Маршот за толеранција по тој повод ќе се одржи на 16 ноември напладне, а ќе тргне од пред Музејот на Град Скопје.

„На 16-ти ноември ќе побараме вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“, најавуваат организаторите.

Повикуваат сите да се придружат на Маршот за толеранција 2019 за заедно да побараат коренити промени, онаму каде што растат и зреат младите. Како организатори на маршот се наведени Хелсиншки комитет за човекови права, МОФ, ХЕРА, Коалиција Маргини, Национален Ромски центар, Реактор, Национален совет за родова рамноправност (СОЖМ).