Мал новогодишен саем на книги во ГЕМ клуб

Издавачките куќи Темплум, Бегемот, Готен, Блесок, Слово, Кликер, Сигма прес организираат мал новогодишен саем на книги во Гем клуб, кој ќе трае од 26-29 декември.

Во понеделник во 20 часот ќе се одржи промоција на книгичките од едицијата „Друга приказна“.

Станува збор за едиција која настана на истоимениот книжевен фестивал за мали фикции што го организираше издавачката куќа Темплум кон крајот на јуни 2016. Едицијата започна со концептуалната книгичка „Стар сум во Скопје“ на Давид Албахари, лауреатот на првото издание на Друга приказна. По оваа книгичка, следат и изданијата „Новелички без шеќер“ на Оливера Ќорвезироска, „Седам на сонце со својата мала пријателка…“ на Лидија Дејвис и „Мачка во магла“, книгичка хаибуни на Владимир Мартиновски.

Во среда, исто во 20 часот, ќе има промоција на романот „517“ од Сања Михајловиќ Костадиновска, минатогодишен победник на конкурсот „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. За книгата ќе зборува Иван Шопов.

Тоа е краток дистописки роман во кој се забележува ехото на класиците на жанрот (Орвел, Замјатин, Бредбери итн.), но и моќниот индивидуален глас на авторката. Сања Михајловиќ Костадиновска покажува сосема солидни познавања на конвенциите на антиутопијата, но вешто ги разбива жанровските крутости воведувајќи елементи од повеќе суб-жанрови и користејќи ја способноста на романот да ги апсорбира истите.

(Од образложението на жирито на „Новите!“ 2015)

Во четврток, пак, напладне ќе се доделува наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, каде во најтесен избор влегоа ракописите на Јагода Василевска, Ѕвездан Георгиевски, Еписторијановни и Ана Михајлоска. Извадоци од нивните ракописи можете да прочитате овде.

Исто така, во 20 часот ќе се одржи и промоција на романот „Вечниот малограѓанин“ од Еден фон Хорват.

Во едицијата Магма на Темплум ова е втор роман на Хорват. Првиот, „Младина без бог“, беше објавен 2003 година, меѓу првите книги во едицијата.

Еден Фон Хорват (1901-1938), австриски писател, роден во Риека, детството и раната младост ги поминува во Белград, Будимпешта и Минхен. На први јуни 1938 во Париз загинал на банален начин: на Елисејските полиња, за време на бура, се засолнал под костеново дрво; ветрот откорнал една гранка и таа го убила. Пишувал драми, кратки раскази и романи.

Саемот е отворен од 11 до 21 часот, а во вторник саемот ќе работи од 11 до 17 часот.