„Мал формат – миниартура“ – изложба на минијатури во КИЦ

Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, вечерва во Културно – информативниот центар – Скопје (КИЦ) ќе биде отворена изложбата „Мал формат / Миниартура“.

Со почеток во 20 часот, посетителите ќе имаат можност да ги погледнат делата во дводимензионален и тродимензионален формат, цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники, со што ќе се претстави ликовното богатство креирано од членовите на ДЛУМ.

„Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници.  Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт“, велат организаторите,.