Македонското знаме и оваа година се најде на завршното глобалното уметничко дело „r/Place“

Стотина пиксели во формата на македонското знаме и оваа година се најдоа на џиновското платно r/Place, колаборативниот онлајн уметнички проект на корисниците на Реддит кои со здружени сили формираат една џиновска слика со најразлични ликови, симболи и пораки.

Македонските корисници на платформата успеаја пред затворање на проектот да го нацртаат знамето на левата страна на платното, покрај стотици други цртежи пред „платното“ за оваа година конечно да исчезне.

На „Глобалното платно“ r/Place секој корисник на Реддит може да стави еден пиксел во различна боја на секои пет минути и да пребришува пиксели на други корисници. На тој начин се добива еден џиновски колаж кој постојано го менува својот изглед.

Целиот времеплов за тоа како почна и како заврши r/Place за 2023 година може да го погледнете на следново видео:

Official canvas timelapse: r/place 2023
by u/reddit_irl in place

Она што е карактеристично за овој масивен проект е што тој се базира на интернет соработка. За поголемите и комплексни дела за кои се потребни илјадници пиксели потребна е прецизна соработка и сложена логистика, а секогаш постои ризик вашиот пиксел да биде пребришан од други корисници на платформата.

Овогодишната верзија на r/Place, која дојде по масовните протести на заедниците на Реддит поради промените кои ги направи компанијата, се претвори во огромен билборд на кој корисниците го искажаа нивниот бес. На сликата постојано можеа да се забележат многу пораки „fuck spez“, навреди кои се однесуваат на Реддит корисничкото име на директорот Стив Хуфман. Пред самиот крај на овогодишниот проект корисниците напишаа џиновско „fuck spez“ преку целата слика, пред r/Place конечно да побели и да се затвори за годинава.

Ова е третпат како се одржува r/Place. Проектот започна како своевиден социјален експеримент во 2017 година на Денот на шегата – 1 април, а беше повторен на истиот датум и во 2022 година. Оваа година „цртањето“ започна од 20 јули.