Македонија европски рекордер и во медиумската неписменост

Македонија се најде на дното на листата на 35 европски земји според последниот Индекс на медиумска писменост 2018, кој го изработува Иницијативата за европски политики на Институтот Отворено општество од Софија. Рангирањето покажува дека земјите од Балканот се најподложни во Европа на влијанието на лажните вести, а како последица за тоа се издвојуваат недостатоците во образованието, ниските медиумски слободи и недовербата кај луѓето.

Со само 10 поени на индексот, кој ги рангира земјите од Европа од 0 до 100, Македонија се најде на последното место и заедно со Турција се единствените две земји ставени во петтиот најлош кластер на држави со најниско ниво на медиумска писменост.

Индексот најмногу се потпира на индикаторите за медиумските слободи на Фридом Хаус и Репортери без граници, потоа на ПИСА резултатите на учениците, индикаторот за е-партиципација на Обединетите Нации и довербата на граѓаните според Еуростат.

Финска, Данска, Холандија, Шведска и Естонија се петте држави со највисоки резултати на Индексот за медиумска писменост, кои според Институтот имаат најголема отпорност и можности да се спротивстават на влијанието на лажните вести. Земјите од нашето окружување стојат најлошо според овие параметри – Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција и Македонија ги заземаат последните места на Индексот.

Според авторот на извештајот, Марин Лесенски, постојат различни пристапи кон справување со лажните вести во ерата на „пост-вистина“, од кои образованието изгледа како најдоброто сеопфатно решение.

„Резултатите на Индексот на медиумска писменост посочуваат дека високиот квалитет на образованието и имањето сè повеќе и повеќе образовани граѓани е предуслов за справување со лажните вести и „пост-вистината“. Како дополнување, очигледно постои сооднос меѓу квалитетот на образованието и медиумските слободи кога двата индекси ќе се споредат. Државите со подобро образование имаат повеќе медиумска слобода и обратно“, наведува Лесенски во извештајот.

Индексот се објавува втора година по ред, а Македонија се најде на последното место и минатата година.