„МакеДокс“ отвори повик за петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години

„МакеДокс“ е во потрага по петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм, објавија оттаму на Фејсбук.

Тие посочуваат дека повикот е отворен до 1 јуни, а резултатите дека ќе бидат објавени до 15 јуни. Предност, како што додаваат, ќе имаат оние што први ќе се пријават.

„Како да се пријавиш? Сними се себе си, со телефон, веб-камера или на било кој друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од 5 минути, одговори на следниве прашања: Освен преку соништата, накој друг начин бегаш од секојдневието?; Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?; Кое е твоето најрано сеќавање?; Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?; Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?; Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?; Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?“, потенцираат од „МакеДокс“

Видеото треба да се испрати на dokunikulci@makedox.mk преку „WeTransfer“. Дополнително, од „МакеДокс“ велат дека уште подобро е доколку е можно видеото да се прикачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а до нив да биде испратен линкот и лозинката.

Работилницата на „МакеДокс“ ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува 5 дена во природа во јули, 8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“ во август и 5-7 дена на 2 есенско-зимски сесии по договор.

„На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на ‘МакеДокс’, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци. Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа не е во хотел со пет ѕведзички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на ‘МакеДокс’. Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм“, велат од „МакеДокс“.

Истовремено, тие напоменуваат доколку заинтересираните се малолетни, дека ќе треба заедно со пријавите, да достават и согласност од одговорен возрасен со кој се одобрува нивното учество на работилницата.