Мајмуни во Јужна Америка влегоа во „Камено доба“

Група од белоглави капучини во Панама влегоа во „Каменото доба“ – користејќи алатки за да скршат јатки и школки.

Мајмуните живеат на островот Хикарон во Националниот парк Коиба.

Сепак, не сите капучини започнале да користат алатки, само мажјаците во одредени региони од островот, соопштија научниците.

Според нив, станува збор за дива популација, која го развива користењето на алатките многу побрзо бидејќи имаат изобилство на време, материјали и нема предатори.

Тие се четврта група на примати кои влегле во „Каменото доба“, според „Њу сајантист“.

Досега се познати само три вида примати што користат алатки: шимпанзата, брадестиот капучин и макаките со долги опашки.

Брендан Барет од Институтот Макс Планк вели: „Ние бевме изненадени што ова однесување изгледа како да е географски локализирано“.

Мајмуните се забележани како кршат кокос, ракови и полжави користејќи камења.

Истражувачите се надеваат дека ќе разберат како се шири ова однесување и зошто тоа останало ограничено на одредени групи во областа.