Лукашенко ненајавено инаугириран за шести мандат и покрај спорните избори

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко денеска го презеде шестиот претседателски мандат на церемонијалната инаугурација која не беше однапред најавена, пренесува српски „Н1“.

Државната новинска агенција „Белта“ објави дека церемонијата се одржала во главниот град Минск, во присуство на неколку стотици високи државни функционери, пренесува „АП“.

„Александар Лукашенко положи заклетва на белоруски јазик, по што го потпиша текстот на заклетвата, а потоа претседателот на Изборната комисија му ја предаде потврдата за претседател на Република Белорусија“, наведува агенцијата.

Инаугурацијата се одржа по масовните протести кои траат веќе шест недели, против официјалните резултати од претседателските избори кои се одржаа на 9 август, според кои Лукашенко беше повторно реизбран по 26 години на власт.

Опозицијата во Белорусија смета дека изборните резултати биле лажирани.

Според официјалните резултати, Лукашенко освоил 80 отсто од гласовите.

САД и Европската унија го критикуваа насилното разбивање на постизборните протести во Белорусија.

На инаугурацијата Лукашенко се заколне дека ќе му служи на народот на Република Белорусија и дека ќе ги почитува и штити правата и слободите на народот и граѓаните.