Lonely Planet: Охрид петти најубав град за патување, треба да се посети пред да ја загуби автентичноста

Бордо е најдобар град во светот, според листата за Најдобри градови за патување во 2017 година, според веб страницата за туризам Lonely Planet. Охрид се најде на петтото место на оваа листа.

„Со поглед кон исклучително сините води на истоименото езеро, Охрид ужива прекрасна местоположба, а е најубав кога се гледа од чамец. Од водата ќе ги видите глинените покриви на градоти со векови старите црковни камбани (градот тврди дека ги има 365), покриени од ѕидовите на Самоиловата тврдина“, пишува магазинот за патување.

Пишува и дека Охрид се трансформирал од религиозниот центар на Македонија, во најпознатото летувалиште, а неговите плажи се најубавите во континенталната држава.

„Сепак, планираниот развој на крајбрежјето веројатно ќе го промени овој заспан град засекогаш, па сега е најдобро време да се оди“, потенцирано е во листата.

Првото место на листата го зазеде Бордо во Франција, град за кој Lonely Planet вели дека бил „заспана убавица“, но сега е „буден и подготвен за акција“. Местото го заслужува поради поврзаноста со Париз – на само два часа со брз воз. Освен тоа, е вистинска атракција за љубителите на вино, а гастрономската револуција на градот е исто така огромен успех.

На второто место на листата се најде Кејп Таун, Јужна Африка, а на третото Лос Анџелес.

Меѓу десетте најдобри градови се и Мерида (Мексико), Пистоја (Италија), Сеул (Јужна Кореја), Лисабон (Португалија), Москва (Русија) и Портленд (Орегон).

Комплетната листа може да се најде овде.