„Локален избор“ – онлајн алатка за споредба на позициите на граѓаните со оние на кандидатите за градоначалник

Институтот за истражување – Импакт ја разви бесплатната онлајн алатка „Локален избор“, којашто им овозможува на гласачите да ги споредат своите позиции со позициите на кандидатите и партиите кои ќе учествуваат на престојните локални избори.

Граѓаните имаат можност да одговорат на серија од 20 селектирани искази по важни прашања групирани во осум тематски области и тоа: урбанизам и комунални работи, заштита на животната средина, безбедност, транспарентност и учество на граѓаните, децентрализација, економски развој, социјална грижа и еднакви можности.

Во фокусот на алатката се општините Аеродром, Чаир, Струга, Струмица и Росоман.

Исказите се одбрани врз основа на претпоставката дека прашањата на кои кандидатите и партиите најчесто се осврнуваат во јавниот дискурс се оние поважните за гласачите.
Кодирани се вкупно 18 кандидати и советнички листи во петте општини. Сите кандитати и советнички листи беа контактирани за самостојно да ги кодираат сопствените позиции и да приложат доказен материјал (цитати и линкови) за нивните тврдења. Осум кандидати и советнички листи се одзваа на барањето.

„Паралелно со самокодирањето, нашиот тим на истражувач(к)и вршеше независно кодирање на позициите на политичките партии, внимателно анализирајќи ги партиските програми, медиумските изјави и интервјуа, како и изборните програми од претходни изборни циклуси таму каде тоа беа применливо. Потоа, самокодирањето и независното кодирање беа споредени и кандидатите беа контактирани во случај кога двете не се совпаѓаа, со можност да достават дополнителен доказен материјал што ја поддржува нивната позиција. Конечните одлуки на истражувачкиот тим беа подлежни на тројно проверување од останатите членови на тимот и надворешни соработници“, велат од Импакт.

Согласно одговорите на дваесетте искази, позициите и на политичките партии, и на граѓаните се пресметани според просторниот модел на политички натпревар.

Позициите се пресметуваат во однос на главните димензии на политички натпревар, каде може да се види поставеноста на граѓаните според степенот на сличност помеѓу
нив и партиите, односно кандидатите. Пресметката на позициите се базира на математички алгоритам, кој е апсолутно независен од било каква интервенција и влијание на истражувачкиот тим и кандидатите.

Од „Импакт“ укажуваат дека алатката не им кажува на корисниците за која партија или кандидат да гласаат, туку едноставно им покажува каде се поставени нивните лични ставови на политичката сцена и согласно тоа, кои кандидати им се блиски, а кои далечни во однос на политичките ставови.

Проектот „Локален избор“ е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.