Литературно читање „Кога две песни и неколку раскази…“ во „Буква“

Литературното читање „Кога две песни и неколку раскази…“ со писателите Милена Илиќ, Николина Андова Шопова, Јовица Ивановски и Горѓи Крстевски ќе се одржи утре (19 јули) во 20 часот во кафе- книжарницата „Буква“.

„Повод за настанот е преведувачката резиденција на Милена Илиќ во Скопје, а на настанот ќе настапат дел од писателите кои Милена Илиќ ги превела на српски јазик. Модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски“, велат од издавачката куќа „Готен“ кои го организираат настанот.

Милена Илиќ дипломирала на Катедрата за книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Пишува песни и кратки раскази и преведува од македонски на српски јазик. Ја објавила поетската книга „Хепи микро вумн блуз“. Во текот на својот резиденцијален престој во Скопје, Милена Илиќ ќе работи на преводот на книгата „Другата страна“ од Ѓорѓи Крстевски.

Јовица Ивановски е автор на петнаесетина поетски збирки, меѓу кои „Зошто мене ваков џигер“, „Градот е полн со тебе“, „Чуден некој сончев ден“, „Три напред три назад“, „Во сенката на билбордот“, „Стремеж за дремеж“, „Градот што веќе не е мој“, „Човек“.

Николина Андова Шопова за нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ ја доби наградата „Мостови на Струга“ за што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Таа е авторка и на стихозбирката „Поврзи ги точките“ и  романот „Некој бил тука“ за кој ја доби наградата „Роман на годината“. Во 2022 го објавуви романот „Естом“, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.

Ѓорѓи Крстевски ја има објавено збирката кратки раскази „Обични и необични приказни“. Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“.