Левица: Останува нејасно за санкциите на полицајците и одговорноста на лицето кои ги командувало

Во врска со резултатот од истрагата на Одделот за внатрешна контрола при МВР, партијата Левица смета дека тоа го побило тврдењето на министерот Оливер Спасовски.

„Сакаме да подвлечеме две работи во врска со соопштението на МВР: Наведено е дека ќе бидат преземени дисциплински мерки против четворицата полициски службеници, но не е до крај јасно што конкретно ќе биде тоа, односно како конкретно ќе бидат санкционирани овие службеници кои несомнено противправно и на сила со лисици спречија право на мирен протест и слобода на изразување на демонстрантите во саботата на анти НАТО собирот во Скопје.

Втората работа која е нејасна во истрагата е одговорноста на лицето кое командувало со полициските службеници кои ги пречекорија своите овластувања употребувајќи сила врз демонстрантите. Имено, индикативен е целиот случај како полициските службеници така координирано решиле да употребат сила кон демонстрантите и да ги попречат во изразувањето протест против военото парадирање на американските војници на плоштадот во Скопје.

На крај, останува фактот дека некој дозволи да се случи бизарен и грозен настан каде војниците на САД, со своите крвави раце од профитерските војни кои ги водат по светот, да парадираат како ослободители во центарот на градот и ги рекламираат своите машини за убивање и рушење, каде присуствуваа и деца!

Со надеж дека граѓаните на Македонија ќе се освестат и политички ќе го казнат виновникот за овој пропуст, а понатаму нема да дозволат уште еден ваков грозен и бизарен настан на нејзината територија. Против војните за профит!“, соопштуваат од Левицa.