„Лекувањето е право, а не привилегија“ – настан за поддршка и еднаков третман за сите

На 26 јуни во скопскиот Градски парк од 17 до 19 часот ќе се одржи настанот „Лекувањето е право, а не привилегија“. На настанот ќе има цртање на графити со Давид Ристевски – Џаџе (Dreadpen), преку што ќе се пренесе пораката за поддршка и еднаков третман за сите.

„Квалитетот на програмите за лекување во Македонија повеќе години не ги задоволува минималните стандарди за лекување на луѓето кои користат дроги, односно има недостаток на персонал, изостанува психосоцијалната поддршка како и програми за рехабилитација и ресоцијализација“, велат од ХОПС.

Од организацијата потенцираат дека многу често центрите за лекување од зависност, се наоѓаат далеку, што е отежителна околност за луѓето кои земаат терапија. Ова го отежнува нивното секојдневие, наоѓање работа или одење на работа.

„Некои луѓе секојдневно патуваат од еден во друг град за да земат терапија, а оние кои живеат во Скопје менуваат по два градски автобуси да стигнат до дневната болница за зависности.Системско решение како и квалитетни и сеопфатни програми ќе го подобрат квалитетот на живот на луѓето кои се на метадонска или бупренорфинска терапија, како и на нивните семејства и на пошироката заедница“, соопштува ХОПС.

Според организацијата, тоа е причината да се вклучат на кампањата „Support. Don’t Punish“, која е е глобална кампања за политики на дроги кои се базираат на здравствени и човекови права.

„Оваа година повикуваме за квалитетни и ефективни програми за лекување, заедно да се бориме за оние на кои што системот им ги затвора сите врати во општеството и оние кои секојдневно се среќаваат со дискриминација“, се вели во најавата за настанот на 26 јуни во Градски парк.

Ве повикуваме да ни се придружите на 26-ти јуни во Градски Парк, од 17-19 часот со цртање графити заедно со Давид Ристевски – Џаџе (Dreadpen). Преку овие графити заеднички ќе ја пренесеме пораката за поддршка и еднаков третман за сите. Лекувањето е право, а не привилегија!