Културните работници за смената на Алаѓозовски: „НЕ – за културата да ја води партија, туку професионалци“

„НЕ –за културата на продажба, НЕ- за културата да ја води партија, туку професионалците од полето, НЕ – за манипулација и партиски пресметки преку културата“, се вели во онлајн-петицијата која ја покренаа повеќе културни работници.

Тие се спротивставуваат на владината одлука за смена на сегашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски со Африм Гаши од БЕСА, новиот коалиционен партнер во Владата.

Ваквото решение за нив претставува пазарење кое нема да го прифатат. Поради ова, петицијата ја упатија кон премиерот Зоран Заев и пратениците.

„Ние сметаме дека културата мора да доживее реформи, да ја обнови јавната сфера која е дерогирана и пропадната. Културата и институциите МОРА да бидат автономни. А уметноста ослободена, или како што вели социологот и теоретичар Растко Мочник, единствено СЛОБОДНО ПОЛЕ.

На културата треба да и сe овоможи развој преку стратешки планови и политики, развиени од професионалци во секторот. Само таков третман на културата, може да вроди со резултати, долгорочни и стабилни, видливи во секоја пора на општествениот живот, признаени и прифатени од нејзините креaтори – уметниците и културните работници, заедницата и граѓаните. Стратешкиот развој бара анализа, долгорочен план и континуитет во негово спроведување, а не брзи и професионално неиздржани промени кои го нарушуваат процесот на развој на културата и продуцураат фиктивни адхок резултати.

Доста ни е од партиски заробени институции, од продажби, од симулации на автономија, од поткупувања и докусурувања, од ШУТКАЊЕ на просторот за КУЛТУРА во некои маргинализирани, невидливи ќошиња.

Преку културата мора да развиваме, да инспирираме, да градиме дијалози, да се еманиципираме и образуваме. Мора долгорочно да градиме квалитетни културни системи и вредности, заедно, сите, и институционалната и вонинституционалната култура.

Културата и уметноста имаат политички, економски, историски значења и градат општествени вредности, без кои една средина ќе биде БАРА, а не ПЛОДНО ТЛО за РАЗВОЈ“, се вели во петицијата.

Претходно, со своја реакција за одлуката на владата се обрати и Јадро – асоцијација на независната културна сцена, која брои педесетина членки, организации, неформални групи и поединци, културни работници, уметници и граѓански активисти.

„Ваквото однесување на Владата на РМ за нас претставува јасен показател дека оваа Влада не само што не ја научила лекцијата од единаесетгодишното авторитарно владеење и девастација на целокупниот општествен и културен систем на вредности и институции во Македонија од страна на ВМРО–ДПМНЕ, туку и дека продолжува да ја третира културата како маргинална и неважна дејност вредна единствено за меѓупартиски преговори, коцкања и лицитирања со гласови“, се вели во реакцијата.

„Зачудени сме како оваа Влада не може да ја увиди клучната позиција што културата и уметноста ја имаат во едно општество, во производството на вредносните вертикали, интерпретативните рамки, и симболичките темели на демократската заедница – нешто што претходната Влада не само што го согледа прецизно, туку и го злоупотреби за континуирано разорување на целокупното општество и манипулација со етно–националистичките вредности и афекти. Зачудени сме како оваа Влада не ја увидува сериозноста на осакатеноста на сите институции на културата, понижените уметници, некомпетентните кадри кои беа поставувани за оддолжување на партиската послушност и фалсификуваното културно наследство. Се прашуваме како оваа Влада мисли да ги реши овие децениски натоложени проблеми доколку културните политики и луѓето што ги водат и креираат ги трртира како повремени играчи во нивните меѓупартиски поткусурувања и поткупи?“, реагират од Јадро.