Кривична постапка против опозиционерката Светлана Тихановскаја во Белорусија

Белоруските власти вчера најавија кривична постапка против најголемата опозициска фигура во земјата, Светлана Тихановскаја обвинувајќи ја за тероризам, јавува „Евроњуз“.

Јавниот обвинител Андреј Швед изјави дека неговата канцеларија покренала кривична истрага против Тихановскаја која го предизвика претседателот Александар Лукашенко на претседателските избори во август, минатата година.

Швед рече дека таа заедно со уште неколкумина идентификувани лица се осомничени за обид за предизвикување експлозија и пожари во Минск и неколку други градови пред неколку дена. Нејзината портпаролка ги отфрли обвинувањата како „апсурдни“.

Отпочнувањето на истрагата се случи откако едно лице кое беше осомничено за обид за предизвикување експлозија во градот Борисов беше уапсено.

Земјата е зафатена со протести откако по официјалните резултати од претседателските избори, Лукашенко го освои шестиот мандат на функцијата, со огромно мнозинство од гласовите. Опозицијата, но и одредени лица кои биле присутни на избирачките места велат дека изборите биле наместени.

На масовните демонстрации на кои учествуваа и 200.000 луѓе, беа уапсени повеќе од 33.000 луѓе, а голем број од нив беа и претепани.

Претходната недела Тихановскаја повика на нов бран протести против Лукашенко, со цел да се оживее притисокот врз владата по зимската пауза.