Новинарка од Минск за Радио МОФ: „Луѓето сфаќаат дека режимот нема иднина“

Во повеќе градови низ речиси десетмилионската Белорусија на истокот на Европа, веќе дванаесетти ден луѓето протестираат и се солидаризираат со уапсените демонстранти, но и оддаваат почит на загинатите. Причина за револтот на граѓаните се последните претседателски избори во државата кои се одржаа на 9 август, а за кои владее мислењето дека се лажирани. На нив, според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко кој е на власт веќе 26 години, во земјата која многумина ја нарекуваат „Последната диктатура во Европа“, освои 80.1% од гласовите на 84.17% излезени гласачи.

Неговиот главен ривал, пак, беше 37-годишната учителка по англиски јазик Светлана Тихановскаја. Два дена по изборите, Тихановскаја пребегна во Литванија, загрижена поради нејзината безбедност. 

„Луѓето се исплашени да излезат на протест, но не можат да чекаат повеќе. Конечно, тие сфаќаат дека режимот нема иднина и дека се потребни промени во државата“.

Вака за Радио МОФ ја состојбата во државата фото-репортерката на независниот медиум „TUT.by“ Олга Шукаила. Вели дека Белорусија е мирна, но не и богата земја, каде луѓето имаат работа и земаат плата, но исто така го имаат и претседателот Лукашенко.

„Тоа е диктаторски режим. Имаме ограничени слободи, некои луѓе живеат во страв и сиромаштија. Некои луѓе имаат висок животен стандард. Брендот на нашата држава е малку чуден. Ние сме ИТ-земја, агро-земја и ‘последна диктатура во Европа’. Немаме војна, но немаме ни слобода во вистинска смисла на зборот“, вели Шукаила.

Обичната работна недела на Шукаила трае од од понеделник до петок. Но, периодов, таа рабори речиси нон-стоп, без да има време да одмори, јаде и да се наспие. Во текот на денот покрива два до четири настани на различни места.  Моменталните протести, според неа, се најголеми од историјата на независноста на оваа земја.

„Луѓето се уморни од режимот на Лукашенко и сега разбираат дека можат да зборуваат за тоа и да направат нешто. Тоа беше овозможено од кандидатите кои донесоа надеж – луѓето кои одлучија да учествуваат во претседателската изборна кампања годинава (поранешниот банкар и антикризен менаџер Виктор Бабарико, креаторот на „Хи-Тек“ парк Валери Цепкало и блогерот и сопруг на Светлана Тихановскаја, Сергеј Тихановски) кои го покренаа протестното расположение во различни региони на Белорусија“, изјави Шукаила за Радио МОФ.

Протести обично се одржувале само во Минск, вели таа. Но, годинава тие пламнаа во ек на предизборната кампања, во повеќе градови како Солигоркс, Гродно…

„Од ден на ден има различен број на луѓе. Никогаш не сум го видела ова претходно. На 16 август го имавме најголемиот марш на солидарноста во Минск. На него учествуваа околу 220-300 илјади луѓе. Тоа беше најголемиот протест во историјата на Белорусија“, вели Шукаила.

Најголемиот марш на солидарноста во белоруската историја, на кој учествуваа околу 220-300 илјади луѓе, во близина на зградата на КГБ (Комитетот за државна безбедност)
фото: Олга Шукаила / „TUT.by“

Исто така сведочи дека полициските службеници користеле прекумерна сила, па по протестите кои се одржаа во периодот од 9 до 11 август, излегле ужасните последици од тортурата и тепањето демонстранти.

„Луѓето тоа го нарекуваат геноцид. Откако беа грабнати од улица, тие се тепани во полициските автобуси без регистарски таблички, во полициските станици и во Изолациониот центар за престапници. Жртвите раскажуваат хорор приказни за тортура и насилство и можеме да го видиме резултатот… некои починаа, некои имаат рани од огнено оружје (од гумени куршуми), повеќето од нив имаат модринки на целото тело, од удари“, објаснува Шукаила.

Шукаила посочува дека е тешко да се биде независен новинар во Белорусија. Чуствува притисок, но и пречки од власта. Стравот е присутен кај неа кога оди да известува од протестите, па ваквите настани се едно ново искуство.

„Неколку дена по изборите бев навистина уплашена. Имав блиндиран елек, шлем, специјални очила и респиратор во случај на солзавец. Освен тоа, вториот ден од протестите беше како лов на новинари. Некои од нив беа повредени, опремата беше скршена или одземена“, посочува Шукаила.

Десеттина дена по изборите, повторно се чуствува исплашено затоа што ја гледа специјалната полициска служба ОМОН на улиците низ градот.

Погребот на Александар Тараиковски (официјално првиот мртов демонстрант) кој беше застрелан од полицијата за време на протест.
фото: Олга Шукаила / „TUT.by“

Додека Белорусите ги бројат повредените и уапсените од протестите, вниманието на светските лидери е насочено кон оваа земја. Претседателот на Русија Владимир Путин на Лукашенко му ветил помош со цел да се одржи мирот во Белорусија.

Германската канцеларка Ангела Меркел пак, посочи дека веќе не се гледа во улогата да биде медијатор во Белорусија, откако Лукашенко одбил да комуницира со неа.

Европската Унија не ги признава резултатите од изборите, го осуди насилството над демонстрантите, бара казнување на одговорните, а веќе е договорено да се воведат санкции против официјални лица во земјата одговорни за актуелната ситуација.

Мартин Колоски