Критична маса 58 во Прилеп: Пролетно чистење и обележување

ПрилепНаТочак вечер од 17:30 часот пред споменикот на Александар Македонски иницира нова, 58-ма велосипедска Критична маса под мотото „Пролетно чистење и обележување“.

„Време е да направиме пролетно чистење на нашите точаци и улици. Да ги сервисираме нашите точаци, а надлежните институции да ги сервисираат улиците низ нашиот град“, велат од ПрилепНаТочак.

Иницијативата изминативе години алармираше за несоодветна вело-инфраструктура и потенцираше дека и они малку вело-патеки кои ги имаат во Прилеп не се функционални: им треба во најмала рака реконструкција, обележување и отстранување на урбаната опрема која е поставена на нив. Истовремено, велосипедстите секојдневно се соочуваат и со паркирани возила кои го заробуваат јавниот простор.

ПрилепНаТочак ланската година направи три едукативни работилници за најмалите точкаџии, и имаа три едукативни вело-тури. Велосипедистите прославија четврт роденден, а на крајот од 2018 година започнаа соработка со Општина Прилеп, со цел иницијативата во иднина да учестува при проектирање и дизајнирање на улиците и јавниот простор во Прилеп.