Критична маса #31: Исфилтрирај ги навиките!

„Дали баш мора да запалиш кола за до продавница или за да излезеш на кафе? Дали е навистина неопходно на дестинација до 5-6 км. да одиш со кола? Има ли можност на некој друг начин да стигнеш таму каде што сакаш?

„Разгледај ги опциите како може да стигнеш дотаму, кое превозно средство најмногу одговара, и каде може да го избегнеш превезувањето со кола. Таму каде што мора да одиш со кола, може да се организираш да се возиш заедно со некого, не мора да се возиш сам. Начинот на превоз во многу случаи е повеќе резултат на навика отколку неопходност. Пробај да направиш промена за свое добро, за добро на сите. Исфилтрирај ги своите навики!“

10154987_758231474244667_2736031712710478169_n

Со оваа порака неформалната група НаТочак ја најавува 31. по ред Критична маса која ќе се одржи во среда (26 ноември). Зборно место е плоштадот Македонија, а велосипедистите ќе тргнат низ скопските улици во 17.30 часот. Ќе се вози по оваа РУТА.

„Скопје е загаден град и тоа ни пречи на сите. Ни пречи кога шетаме, ни пречи кога возиме точак, ни пречи кога вежбаме на отворено, ни пречи секој пат кога ќе излеземе надвор, од која било причина. Не сме изолирани ни во нашите домови и коли, воздухот е насекаде ист!  Сите сме одговорни за загадувањето, а со менување на навиките сите ќе придонесеме тоа да се намали.

Што предлагаме ние? Предлагаме повремено да заборавиме на автомобилот како превозно средство, да пробаме да се превезуваме со велосипед, пеш, со градски превоз. Колата не е единствениот начин на превоз во Скопје! Ајде дојди со нас, заедно да им покажеме на пријателите како може да помогнеме во прочистувањето на воздухот во Скопје! Ајде сите на точак!“, порачуваат од групата НаТочак.