Криминал со вештачка интелигенција: 20 девојчиња од Шпанија разголени преку апликација за обработка на фотографии

По летниот распуст, почетокот на учебната година бил страшен за 20 девојчиња од Алмендралехо, град во јужна Шпанија. Девојчињата добиле свои фотографии, но преработени со вештачка интелигенција, па се чинело дека тие се фотографирале голи.

Ниту една од тинејџерките не се сликале голи, но фотографиите личеле на оригинали.

Фотографиите биле симнати од нивните Инстаграм профили, преработени со вештачка интелигенција, а потоа споделени во „Ватсап“ групи.

Тинејџерките биле комплетно облечени на оригиналните објавени фотографии, но преку преработката голотијата изгледала реална.

Сега нивните родители и обвинителите бараат начин за казнување на чинот.

„Монтажата е супер-реалистична и  е многу вознемирувачка. Мојата ќерка ми ја покажа фотографијата велејќи ‘Мамо, види што ми направиле’“, напишала една од мајките на својот Инстаграм профил.

Според неа, фотографиите во секој момент може да завршат на платформи како „Онлифенс“, или на слични порнографски сајтови. Истовремено, тинејџерките се на мета и од нивните соученици.

„Не се жали, девојчиеата цело време објавуваат фотографии на кои скоро па им се гледаат половите органи“, било кажано на едно од девојчињата.

Најмладото девојче чии фотографии биле преработени има 11 години.

Втора од мајките на девојчињата изјавила за локални медиуми дека нејзината ќерка добила своја преработена фотографија откако не потпаднала на уцена од соученик.

Претходно, нејзината ќерка се допишувала со момче на социјалните мрежи, а тој од неа побарал пари. Откако го одбила, тој ѝ испратил нејзина фотографија која ја преработил.

Мајките на девојчињата се организирано се пожалиле за настанот, а шпанската полиција отворила и истрага, според која веќе се идентификувани неколку инволвирани малолетници.

Според изјавите на полицијата, дел од вмешаните малолетници се соученици на девојчињата.

Супер-реалистичните креации со помош на вештачка интелигенција, познати како „дипфејкс“, биле создадени со апликацијата „КлотОф“.

Под мотото „соблечи секого, соблекувај девојки бесплатно“, апликацијата им нуди на корисниците да ги соблечат сите личности од кои поседуваат фотографии. За само 10 евра, апликацијата нуди преработка на 25 фотографии.

„Не сте свесни колкава штета им е направена на овие девојчиња, а не сте свесни ни за криминалот кој сте го направиле“, порачале тие.

„Едно од прашањата е дало ова дело треба да биде казнива, а второто прашање е дали треба да е казниво според предлог законите во Шпанија и други земји од ЕУ“, изјавил Мануел Кансио, професор по криминално право од Мадрид.

Професорот посочува дека постои законска дупка, бидејќи користењето на лицата на малолетниците на фотографиите влијае на нивната приватност, но кога станува збор за кривични дела во кои се дистрибуираат интимни слики, сликата во целина е таа што ја нарушува приватноста.

„Бидејќи е генерирана од deepfake, вистинската приватност на дотичната личност не е засегната. Ефектот што го има (на жртвата) може да биде многу сличен на вистинска гола слика, но законот е застарен“, додава тој.

Во март 2022 година, Европската комисија предложи криминализирање на овој вид прекршок во директива за компјутерски криминал. Според професорот, холандскиот кривичен законик е единствениот што има одредба за ова прашање.